Сега ќе станам, вели Господ, сега ќе се издигнам, сега ќе се возвисам. Сено сте зачнале, слама ќе родите; дишењето ви е оган, кој ќе ве голтне. И народите ќе бидат како вар што врие, како пресечени трња ќе бидат изгорени во оган. Слушајте, вие, далечни, што ќе направам; и вие, блиски, познајте ја Мојата моќ.
Се уплашија грешниците на Сион; морници ги обзедоа нечесните: „Кој од нас може да живее при оган што голта? Кој од нас може да живее при вечен пламен?“ Оној, што оди во правда и говори вистина; кој презира печалба преку угнетување, ги воздржува рацете свои од поткуп, ги затина ушите за да не слуша за крвопролевање, и ги затвора очите да не го гледа злото, тој ќе живее на висините: засолниште му се непристапните карпи; ќе му се даде леб; водата негова нема да пресуши.
Очите твои ќе го видат Царот во Неговата убавина, ќе гледаат непрегледна земја; само срцето твое ќе си спомни за ужасите: „Каде е оној, што пребројуваше? Каде е оној, што го одмеруваше данокот? Каде е оној, што ги надгледуваше кулите?“ Нема повеќе да видиш народ свиреп, народ со неразбирлив збор, со јазик туѓ, несфатлив. Погледни го Сион, градот на вашите празнични собранија; очите твои ќе го видат Ерусалим, мирно живеалиште и непоколеблива скинија; столбовите нејзини никогаш нема да се помрднат, и ниедно од јажињата нема да се скине. Таму кај нас Великиот Господ ќе биде место реки, место широки канали; таму нема да влезе ниедна лаѓа со весла, ниту ќе премине голем кораб.
Зашто Господ е наш судија, Господ е наш законодавец, Господ е наш цар: Тој ќе нѐ спаси. Ослабнаа јажињата твои, не можат да ги додржат јарболите и да ги затегнат платната. Тогаш ќе има голем дележ на пленот, дури и сакатите ќе тргнат по грабеж. И ниеден од жителите нема да каже: „Болен сум“; а на народот што живее таму, ќе му бидат простени гревовите.