Лого на YouVersion
Икона за пребарување

Исаија 33:10-24

Исаија 33:10-24 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги) (MK2006)

Сега ќе станам, вели Господ, сега ќе се издигнам, сега ќе се возвисам. Сено сте зачнале, слама ќе родите; дишењето ви е оган, кој ќе ве голтне. И народите ќе бидат како вар што врие, како пресечени трња ќе бидат изгорени во оган. Слушајте, вие, далечни, што ќе направам; и вие, блиски, познајте ја Мојата моќ. Се уплашија грешниците на Сион; морници ги обзедоа нечесните: „Кој од нас може да живее при оган што голта? Кој од нас може да живее при вечен пламен?“ Оној, што оди во правда и говори вистина; кој презира печалба преку угнетување, ги воздржува рацете свои од поткуп, ги затина ушите за да не слуша за крвопролевање, и ги затвора очите да не го гледа злото, тој ќе живее на висините: засолниште му се непристапните карпи; ќе му се даде леб; водата негова нема да пресуши. Очите твои ќе го видат Царот во Неговата убавина, ќе гледаат непрегледна земја; само срцето твое ќе си спомни за ужасите: „Каде е оној, што пребројуваше? Каде е оној, што го одмеруваше данокот? Каде е оној, што ги надгледуваше кулите?“ Нема повеќе да видиш народ свиреп, народ со неразбирлив збор, со јазик туѓ, несфатлив. Погледни го Сион, градот на ваши­те празнични собранија; очите твои ќе го видат Ерусалим, мирно живеалиште и непоколеблива скинија; столбовите нејзини никогаш нема да се помрднат, и ниедно од јажињата нема да се скине. Таму кај нас Великиот Господ ќе биде место реки, место широки канали; таму нема да влезе ниедна лаѓа со вес­ла, ниту ќе премине голем кораб. Зашто Господ е наш судија, Господ е наш законодавец, Господ е наш цар: Тој ќе нѐ спаси. Ослабнаа јажињата твои, не можат да ги додржат јарболите и да ги затегнат платната. Тогаш ќе има голем дележ на пленот, дури и сакатите ќе тргнат по грабеж. И ниеден од жителите нема да каже: „Болен сум“; а на народот што живее таму, ќе му бидат простени гревовите.

Исаија 33:10-24 Библија: Стариот и Новиот Завет, Константинов (MKB)

„Сега ќе станам - вели Господ - сега ќе се кренам, сега ќе се возвишам. Зачнавте сено, ќе родите слама здивот ваш е како оган, ќе ве голтне. Народите ќе бидат изгорени во вар, како отсечени трња, што горат во оган. Чујте, вие кои сте далеку, што направив, а вие кои сте близу познајте Ми ја силата!“ Грешниците треперат на Сион, трепет ги обзеде безбожниците: „Кој ќе опстане од нас пред уништувачкиот оган, кој ќе опстане од нас пред вечниот пламен?“ Оној кој оди во правда и кој зборува право, кој ја презира печалбата од насилство, кој ги тресе рацете за да не прими поткуп, кој ги затнува ушите за да не чуе за крвопролевањата, кој ги затвора очите за да не види зло - тој ќе живее во висините, тврдини врз карпи ќе му бидат прибежишта, ќе има доста леб и водите не ќе му недостасуваат. Твоите очи ќе го гледаат царот во неговата убавина, ќе ја разгледуваат непрегледната земја. Твоето срце ќе мисли во страв: „Каде е оној што броеше, каде е оној што мереше, каде е оној што ги пребројуваше стражарниците?“ Не ќе видиш веќе свиреп народ, народ со неразбирлив и со несфатлив говор, туѓ јазик што никој не го разбира. Погледај на Сион, на градот на нашите празници: твоите очи ќе го видат Ерусалим, заштитено престојувалиште, шатор што не се пренесува, чии колчиња никогаш не се вадат, и ниту едно јаже не му се кине. Таму ни е силниот Господ; место на широки реки и потоци; не ќе помине оттаму ниеден брод ни весла, ниту некој воен брод ќе проедри. Зашто Господ е наш Судија, Господ е наш Законодавец, Господ е наш Цар - Тој ќе нѐ спаси. Јажињата ти попуштија, не можат да го држат јарболот ниту да ги развијат едрата. И ниеден жител нема да рече: „Болен сум!“ На народот што живее таму, ќе му се прости беззаконието.