Лого на YouVersion
Икона за пребарување

Исаија 3:1-26

Исаија 3:1-26 MK2006

Ете, Господ Бог Саваот ќе го одземе од Ерусалим и од Јуда жезолот и помошта, секоја поткрепа во леб и вода, храбар водач и војник, судија и пророк, јасновидец и старец, војсководец и големец, советник, му­дар уметник и вешт говорник. Ќе им дадам момчиња за началници, и деца ќе владеат над нив. А во народот еден ќе угнетува друг, и секој – својот ближен; момче бесрамно ќе се прави голем пред старец и простак – пред големец. Тогаш човек ќе се фати за братот свој, во челадта на татко си свој и ќе рече: „Ти имаш наметка, биди ни водач, и овие урнатини нека бидат под твоја рака.“ А тој со клетва ќе рече: „Не мо­жам да ги излекувам раните на народот; и во мојата куќа нема ни леб, ни облека: не правете ме водач на народот.“ Така пропадна Ерусалим, и падна Јуда, зашто јазикот нивни и делата нив­ни се против Господ, навредливи пред очите на Неговата слава. Изразот на лицето нивно сведочи против нив, а за гревот свој тие кажу­ваат отворено, како содомците, не кријат: тешко на душата нивна! Сами на себеси навлекуваат зло. Кажете му на праведникот: „Блазе му, зашто тој ќе ги јаде плодовите на делата свои; а на беззаконикот – тешко нему, за­што врз него ќе паднат делата на рацете негови! Угнетувачи на Мојот народ се децата, и жени владеат над него. Народе Мој, твоите водачи те доведуваат до заб­луда и го раскопуваат патот по кој одиш.“ Се крена Господ на суд – и стои, за да го суди народот. Господ влегува во суд со старе­шините на Својот народ и со неговите кнезови: вие го опустошивте лозјето; ограбеното од сиромасите е во вашите куќи. „Зошто го угнетувате народот Мој и ги газите сиромасите?“ вели Господ Бог Саваот. Потоа рече Господ: „Поради тоа што ќерките сионски се гордеат и одат со исправени вратови, што освојуваат со погледите, и ситно одат и со веришки на нозете тропкаат, Господ ќе го оголи темето на ќер­ките сионски, и ќе го открие срамот нивни.“ Во оној ден Господ ќе ги одземе убавите веришки на нозете, секакви шнолички и полумесечинки, обетки, ѓерданчиња и ладила, превези, гривни и појаси, стакленца со мириси и уметнички украси, прстење и алки за нос, горна облека и долна, шамичиња, светли тенки наметки, кошули, забратки и покривала. И наместо пријатен мирис ќе има смрад и место појас – јаже, место кад­рени коси – ќелави глави, наместо ши­рока наметка – тесно вреќиште, место убавина – лузна. Мажите твои ќе паднат од меч, а јунаците твои – во битка, и портите на престолнината ќе воздивнуваат и ќе плачат, а таа ќе седи напуштена на земјата.