Лого на YouVersion
Икона за пребарување

Исаија 2:1-22

Исаија 2:1-22 MK2006

Слово, откриено во видението на Амоцовиот син Исаија, за Јудеја и Ерусалим. И ете, во последните дни гората на домот Господов ќе биде поставена на врвот од планините и ќе се возвиси над ридовите, ќе појдат кон неа сите народи. Ќе тргнат многу народи и ќе речат: „Дојдете, да се искачиме на гората Господова, во домот на Бог Јаковов; Тој ќе нѐ научи на Своите патишта и ќе одиме по патеките Негови; зашто од Сион ќе излезе законот, и од Ерусалим – словото Господово.“ И ќе им суди Тој на народите и ќе изобличи многу племиња; ќе ги прековаат мечевите свои во плугови, а копјата свои – во српови: народ против народ нема да крене меч и нема повеќе да се учат на војна. О, доме Јаковов! Дојдете, да одиме во Господовата светлина. Но Ти го отфрли Својот народ, до­мот Јаковов, зашто тие примија многу од источните зла и маѓесници си имаат како Филистејците, и се братимат со синови на туѓинци. Се исполни земјата негова со злато и сребро, богатствата крај немаат; се ис­полни земјата негова со коњи, колите негови број немаат. Се исполни земјата негова со идоли: тие се поклонуваат на изра­ботка од своите раце, на она што нивните прсти го направиле. Човекот е свиткан, мажот е пони­жен – не простувај им! Влези во пештерата и сокриј се во земјата од страв пред Господ и од славата на Неговото величие. Ничкум ќе паднат гордите погледи човечки, и она, што е високо кај луѓето, ќе се понизи; а само Господ ќе стои високо во тој ден. Зашто иде денот на Господ Саваот против сѐ што е гордо и надуено и против сѐ што е превознесено, – и тоа ќе биде понизено, – против сите кедри леванонски, високи и величествени, и против сите дабови башански, против сите високи гори и против сите ритчиња што се издигаат, против секоја висока кула и против секоја цврста ѕидина, против сите таршишки кораби и против сите нивни украси. И ќе падне човечкото величие, она што е високо кај луѓето ќе се понизи; само Господ ќе стои високо во тој ден, а идолите сосема ќе исчезнат. И ќе влезат луѓето во карпести пештери и во земни јами од страв пред Господ и од славата на Неговото вели­чие, кога ќе се крене Тој да ја потресе земјата. Во тој ден човекот ќе ги фрли свои­те сребрени и своите златни идо­ли, што ги направил за да им се поклонува, за да влезе во камени процепи и во планински долови од страв пред Господ и од славата на Неговото ве­личие, кога ќе се крене Тој да ја потресе земјата. Престанете да се надевате на човек, чие дишење е во ноздрите негови, за­што – што знае тој?