Лого на YouVersion
Икона за пребарување

Исаија 13:1-22

Исаија 13:1-22 MK2006

Пророштво за Вавилон, што го изрече Исаија, синот на Амоц. „Кренете знаме на гола планина, издигнете глас, мавнете им со рака да навлезат низ кнезовските порти. Јас им дадов повелба на Моите избраници и ги повикав да го исполнат гневот Мој Моите јунаци, кои се радуваат на величието Мое. Голем шум има по планините, како божем од многуброен народ, бунтовен шум на царства и народи, собрани заедно, Господ Саваот ја прегледува готовата војска за војна. Идат од далечна страна, од крајот на небото, Господ и орудијата на Неговиот гнев, за да ја сотрат целата земја. Липајте, зашто денот Господов е близу, – иде како разурнувачка сила од Семоќниот. Затоа рацете на сите ќе папсаат, срцето на секој човек ќе се стопи. Тие ќе се исплашат, грчеви и болки ќе ги опфатат; ќе се мачат како родилка, зашеметени ќе гледаат едни во други, лицата ќе им пламнат. Ете, денот Господов доаѓа лут, со гнев и пламната јарост, за да ја прет­вори земјата во пустина и да ги истреби од неа грешниците нејзини. Ѕвездите небески и светилата нема да даваат од себеси светлина; сонцето ќе се замрачува при изгревањето свое; и месечината нема да свети со светлината своја. Јас ќе го казнам светот за злото, и нечесните – за нивните беззаконија; ќе го премавнам високоумството на гор­дите и ќе ја понизам надуеноста на уг­нетувачите; ќе направам така, што луѓето да бидат поретки од чисто злато, а мажите – поретки од офирско злато. Затоа ќе го затресам небото, земјата ќе се помести од местото свое поради јароста на Господ Саваот, во денот на пламнатиот гнев Негов. Тогаш секој како подгонета срна и како напуштена овца ќе се врати кон народот свој, секој ќе избега во земјата своја. Кого ќе го стасаат, ќе биде прободен; и кого ќе го фатат, ќе загине од меч. Новороденчињата нивни ќе бидат смачкани пред очите нивни; куќите нивни ќе бидат разграбени, и жените нивни обесчестени. Ете, Јас ќе ги кренам против нив Мидијците, кои не го ценат среброто и не лакомат за злато. Нивни лакови ќе ги поразат младите и нема да сожалат ни плод во утроба; очите нивни нема да се смилуваат над децата. И Вавилон, украсот на царствата, гордоста на Халдејците, ќе биде со­борен од Бога, како Содом и Гомора, нема да се насели никогаш, во него нема да има жители од род во род; нема Арапин да го распне шаторот свој, ов­чари таму со стадата свои нема да пладнуваат. Но во него ќе живеат ѕверови; бувови ќе се населат во нивните домови, и јарци ќе потскокнуваат и ќе играат. Чакали ќе вијат во дворците нивни и хиени во домовите за веселба. А ќе дојде неговото време, близу е, деновите негови нема да задоцнат.“