Видение на Исаија, синот на Амоц, кое го виде за Јудеја и Ерусалим, во деновите на јудејските цареви Озија, Јотам, Ахаз и Езекија.
Чујте небеса и слушај земјо, зашто Господ вели: „Јас воспитав и подигнав синови, а тие се побунија против Мене. Волот го познава стопанот свој, и магарето – јаслите на господарот свој, а Израел не Ме познава, Мојот народ не разбира.“ Ах, народе грешен, народ претрупан со беззаконија, племе на злодејци и синови погубни! Го оставивте Господа, Го презревте Светецот Израелов, – грб Му свртевте. Каде уште да ве бијат вас, кои сѐ уште се противставувате? Целата глава ви е во рани, и целото срце ви е изнемоштено. Од главата до петите нема во тој народ здраво место, модрици, гнојни рани, нечистени, непреврзани и неомекнати со масло.
Земјата ви е опустошена, градовите ви се изгорени со оган; нивите ваши пред ваши очи туѓинци ги јадат; и пустош е, како што запустуваат туѓинци. Остана ќерката Сионова како колиба во лозје, како колиба во градина, како опсаден град. Да не беше ни оставил Господ Саваот мал остаток, ќе бевме како Содом, ќе заприлегавме на Гомора.
Чујте го словото Господово, кнезови содомски, вслушајте се во законот на нашиот Бог, народе гоморски! „Зошто ми се многуте ваши жртви? – вели Господ. Презаситен сум од сепаленици на овни и од маснотија на згоен добиток; крв од телињата, од јагниња и јариња не сакам. Кога доаѓате да се јавите пред лицето Мое, кој го бара тоа од вашата рака, кога ќе згазнете на Моите дворови? Не принесувајте веќе празни жртви; кадењето е одвратно за Мене; новомесечија, саботи и празнични собранија со беззаконија – не можам да трпам! Душата Моја ги мрази вашите новомесечија и вашите празници: тие се товар за Мене, тешко Ми е да ги носам. И кога протегате раце, Јас ги кријам од вас очите Свои, а кога ги умножувате молбите свои, Јас не слушам: рацете ваши се полни со крв. Измијте се, исчистете се; иставете ги од очите Мои лошите дела свои; престанете да правите зло; научете се да правите добро, барајте правда, спасувајте угнетен, заштитувајте сирак, застапувајте се за вдовица.“
Тогаш дојдете и ќе се пресуди, вели Господ. Гревовите ваши да се и алово црвени – како снег ќе ги побелам; да бидат црвени и како пурпур – како волна ќе станат бели. Ако Го барате и послушате, ќе ги јадете добрата земни; ако, пак, не сакате и се противставувате, меч ќе ве истреби! Тоа го рече устата Господова.
Како справедливиот верен град Сион стана блудница? Во него царуваше правда, а сега престојуваат убијци. Среброто ти стана како згура, виното ти е со вода помешано; твоите кнезови се престапници на законот и соучесници на крадци; сите тие сакаат подароци и лакомат за награда; не заштитуваат сирак, и поплака на вдовица не стигнува до нив. Затоа вели Господ, Господ Саваот, Јунакот Израелов: „О, ќе ја истурам јароста на противниците Свои и ќе им се одмаздам на непријателите Свои! И ќе ја свртам против тебе раката Своја и како со пепелница ќе ја исчистам од тебе згурата и ќе го одделам од тебе сето олово. И пак ќе поставам судии, како порано, и советници како отпрвин; тогаш ќе говорат за тебе: град на правда, верна престолнина!
Сион ќе се спаси преку праведен суд, и обратените негови – преку правда. За сите отстапници и грешници – погибел, а оние, што Го оставиле Господа, ќе бидат истребени. Вие ќе бидете посрамени заради дабовите што ги обожавате, ќе црвенеете од срам заради градините што сте си ги избрале; зашто вие ќе бидете како даб, чиј лист свенал и како градина, во која нема вода. И силниот ќе биде отпадок, а делото негово – искра; ќе горат заедно, – и никој нема да ги угасне.“