Лого на YouVersion
Икона за пребарување

Исаија 1:1-31

Исаија 1:1-31 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги) (MK2006)

Видение на Исаија, синот на Амоц, кое го виде за Јудеја и Ерусалим, во деновите на јудејските цареви Озија, Јотам, Ахаз и Езекија. Чујте небеса и слушај земјо, зашто Господ вели: „Јас воспитав и подигнав синови, а тие се побунија против Мене. Волот го познава стопанот свој, и магарето – јаслите на господарот свој, а Израел не Ме познава, Мојот народ не разбира.“ Ах, народе грешен, народ претрупан со беззаконија, племе на злодејци и си­нови погубни! Го оставивте Гос­пода, Го презревте Светецот Изра­елов, – грб Му свртевте. Каде уште да ве бијат вас, кои сѐ уште се противставувате? Целата глава ви е во рани, и целото срце ви е изне­моштено. Од главата до петите нема во тој на­род здраво место, модрици, гнојни рани, нечистени, непреврзани и неомекнати со масло. Земјата ви е опустошена, градо­вите ви се изгорени со оган; нивите ваши пред ваши очи туѓинци ги јадат; и пус­тош е, како што запустуваат туѓинци. Остана ќерката Сионова како колиба во лозје, како колиба во градина, како опсаден град. Да не беше ни оставил Господ Са­ваот мал остаток, ќе бевме како Содом, ќе заприлегавме на Гомора. Чујте го словото Господово, кнезови содомски, вслушајте се во зако­нот на нашиот Бог, народе гоморски! „Зошто ми се многуте ваши жртви? – вели Господ. Презаситен сум од сепаленици на овни и од маснотија на згоен добиток; крв од телињата, од јагниња и јариња не сакам. Кога доаѓате да се јавите пред лицето Мое, кој го бара тоа од вашата рака, кога ќе згазнете на Моите дво­рови? Не принесувајте веќе празни жрт­ви; кадењето е одвратно за Мене; ново­месечија, саботи и празнични собранија со беззаконија – не можам да трпам! Душата Моја ги мрази вашите но­вомесечија и вашите празници: тие се товар за Мене, тешко Ми е да ги носам. И кога протегате раце, Јас ги кријам од вас очите Свои, а кога ги умно­жувате молбите свои, Јас не слушам: рацете ваши се полни со крв. Измијте се, исчистете се; иставете ги од очите Мои лошите дела свои; престанете да правите зло; научете се да правите добро, барајте правда, спасувајте угнетен, заштитувај­те сирак, застапувајте се за вдовица.“ Тогаш дојдете и ќе се пресуди, вели Господ. Гревовите ваши да се и алово црвени – како снег ќе ги по­белам; да бидат црвени и како пурпур – како вол­на ќе станат бели. Ако Го барате и послушате, ќе ги јадете добрата земни; ако, пак, не сакате и се против­ставувате, меч ќе ве истреби! Тоа го рече устата Господова. Како справедливиот верен град Сион стана блудница? Во него царуваше правда, а сега престојуваат убијци. Среброто ти стана како згура, виното ти е со вода помешано; твоите кнезови се престапници на законот и соучесници на крадци; сите тие сакаат подароци и лакомат за наг­рада; не заштитуваат сирак, и поплака на вдовица не стигнува до нив. Затоа вели Господ, Господ Саваот, Јунакот Израелов: „О, ќе ја истурам ја­роста на противниците Свои и ќе им се одмаздам на непријателите Свои! И ќе ја свртам против тебе раката Своја и како со пепелница ќе ја исчис­там од тебе згурата и ќе го одделам од тебе сето олово. И пак ќе поставам судии, како по­рано, и советници како отпрвин; тогаш ќе говорат за тебе: град на правда, верна престолнина! Сион ќе се спаси преку праведен суд, и обратените негови – преку правда. За сите отстапници и грешници – погибел, а оние, што Го оставиле Гос­пода, ќе бидат истребени. Вие ќе бидете посрамени заради да­бовите што ги обожавате, ќе црвенеете од срам заради градините што сте си ги избрале; зашто вие ќе бидете како даб, чиј лист свенал и како градина, во која нема вода. И силниот ќе биде отпадок, а делото негово – искра; ќе горат заедно, – и никој нема да ги угасне.“

Исаија 1:1-31 Библија: Стариот и Новиот Завет, Константинов (MKB)

Видение на Исаија, синот Амосов, што го имаше за Јудеја и за Ерусалим, во деновите на Озиј, Јоатан, Ахав и Езекија, јудејски цареви. Чујте, небеса, послушај, земјо, зашто говори Господ: „Ти ги воспитав, ги подигнав, синовите, ама тие се одметнаа од Мене. Волот го познава својот сопственик, а оселот јаслите на господарот - Израел не познава, Мојот народ не разбира.“ Ох, грешен ли народ, луѓе загазени во зло, злосторнички род, расипани синови! Го оставија Господа, Го презреа Израелевиот Светец, Нему Му ги свртија плеќите. Па каде да ве удрам уште, кога и понатаму се бунтувате? Целата глава е болна, срцето изнемоштено; од петицата до главата никаде здраво место, туку повреди, синила, отворени рани, ни очистени, ни завиткани, ниту заблажени со масло. Земјата ви опусте, градовите оган ги спали, туѓинците ги ограбуваат вашите ниви, пред ваши очи - пустина, како разорена од туѓинци. Сионската Ќерка остана како колиба во лозје, како полјачица во градина со краставици, како опсаден град. Ако не ни беше оставил Господ над Воинствата Остаток, ќе бевме како Содом, слични на Гомор. Чујте го Господовото слово, содомски главатари, послушај го Законот на нашиот Бог, гоморски народе! „Зошто ми е мноштвото ваши жртви? - говори Господ. - Сит сум од овенски паленици и од мрсното на згоените телиња. И крвта Ми се згади од бикови, јагниња и јариња. Кога доаѓате да Ми го видите лицето, кој од вас бара да гази по Моите преддворја? Прекратете да Ми носите ништожни приноси, темјанот го замразив. Млади месечини, саботи и собори - не поднесувам празнувања и беззаконија. Вашите млади месечини и празници ги мразам од сета душа - тешки Ми се, не можам да ги поднесам! Кога ги ширите рацете за молитва, Јас ги одвраќам очите од вас. Само ги множите молитвите, Јас не ве слушам. Рацете ви се натопени во крв, измијте се, очистете се. Отстранете ги од пред Моите очи нечесните дела, престанете да правите зло! Учете се на добри дела: стремете се кон правдата, притекнете му на помош на угнетуваниот, помогнете му на сирачето до правдата, заземете се за вдовицата.“ „И сега дојдете, да бидеме прави, говори Господ. Ако ви бидат гревовите како црвено сукно, ќе бидат бели како снег; ако бидат румени како пурпур, ќе станат како волна. Ако сакате да Ме послушате, ќе уживате во земните плодови. Ако истраете во бунтовството, ќе ве проголта меч.“ Така зборуваше Господовата уста. Како стана ти блудница, верна тврдино? Беше полна со правда, правдата престолуваше во неа, а сега - убијците. Твоето сребро се претвори во троска, виното ти се разводни. Твоите кнезови се одметнаа, се спријателија со крадци. Сите копнеат за поткуп, летаат по дарови. Му ја скратуваат правдата на сирачето, парницата на вдовицата не стига до нив. Затоа вака зборува Господ, Господ над Воинствата, Израелевиот Јунак: „Ах, кога ќе се задоволам над противниците и кога ќе им се одмаздам на непријателите! Кога ќе ја испружам раката на тебе, за да ја очистам твојата троска со киселина, за да ја отстранам од тебе секоја смеса! Да ти поставам пак судии како некогаш, советници како во почетокот, па да те викаат Праведен Град, Тврдина на верноста.“ Праведен суд ќе го откупи Сион, а правдата неговите обратеници. Отпадниците и грешниците ќе се скршат заедно, а ќе загинат оние, кои Го напуштаат Господа. Да, ќе се срамите заради дабовите по кои копнеете сега, и ќе црвенеете заради градините во кои сега уживате. Зашто, ќе бидете како даб со исушени лисја, и како градина во која нема вода. Силниот ќе биде како коноп, а искрата негово дело, заедно ќе изгорат, а никој да ги згасне.