Во истиот ден во ковчегот влегоа Ное, неговите синови Сим, Хам и Јафет, и жената Ноева, и трите жени на синовите негови со нив. Тие, и сите ѕверови според родот нивни, и добитокот според неговиот род, и сите гадинки, што се влечеа по земјата, според нивниот род, и сѐ што лета, според родот негов, сите птици и сѐ што има крилја, влегоа во ковчегот кај Ное по две од секое суштество, во кое имаше животен дух; и тие што влегоа, машки и женски пол влегоа од секое суштество, како што му беше заповедал Бог. Потоа Господ го затвори ковчегот однадвор. Натопувањето на земјата потраја четириесет дена; водата надојде и го подзеде ковчегот; и тој се крена од земјата; водата се засилуваше многу и се умножуваше на земјата, а ковчегот пловеше по површината на водата. И нарасна водата на земјата толку многу, што ги покри сите високи планини, какви што има под целото небо; петнаесет лакти се издигаше водата над планините, откако ги покри. Тогаш го изгуби животот секое суштество што се движеше по земјата: и птиците, и добитокот, и ѕверовите, и сите лазачи, што се влечат по земјата, и сите луѓе; сѐ, што на копното имаше здив во ноздрите свои, изумре. И се истреби секое суштество, што живееше на земјата: од човекот до добитокот, и лазачите, и птиците небески – сѐ беше истребено од земјата; останаа само Ное, и оние, кои беа со него во ковчегот. А водата беше над земјата сто и педесет дена.