Лого на YouVersion
Икона за пребарување

Создавање 50:1-14

Создавање 50:1-14 MK2006

Тогаш Јосиф падна врз лицето на својот татко, заплака над него, и го бакна. И им заповеда Јосиф на лекарите, кои беа во негова служба, да го балсамираат таткото негов; и лекарите го балсамираа Израел. И изминаа четириесет дена, зашто толку дни се потребни за балсамирање, и го оплакуваа Египќаните седумдесет дена. Штом изминаа деновите на жалоста, им рече Јосиф на големците фараонови, велејќи: „Ако сум нашол милост пред вашите очи, зборувајте со фараонот и речете му: ‚Таткото мој ме заколна, велејќи: – Еве, јас умирам. Во гробот мој, што го ископав во земјата хананска, таму да ме погребеш.‘ – Па сега би сакал да одам и да го погребам таткото мој, а потоа ќе се вратам.“ А фараонот рече: „Оди и погреби го таткото твој, како што те заколнал.“ Потоа отиде Јосиф да го погребе таткото свој. А со него појдоа и сите слуги фараонови, старешините на до­мот негов и сите старешини на земјата египетска, и целиот дом Јосифов и браќата негови, и целиот дом на таткото негов. Само децата свои и ситниот и крупниот добиток свој ги оставија во земјата Гесем. Со него тргнаа, исто така, коли и коњаници, така што погребната поворка беше многу голема. А кога дојдоа во Горен Хатад, кој е од онаа страна на Јордан, заплакаа таму многу силно и жално. И Јосиф го оплакуваше својот татко седум дена. А луѓето од онаа земја, Хананците, кога слушнаа плачење во Горен Хатад, рекоа: „Голема жалост имаат Егип­ќаните.“ Затоа тоа место го нарекоа „Авел Мицраим“, што е отаде Јордан. И направија синовите негови онака, како што им беше заповедал; го однесоа синовите негови во земјата хананска, и го погребаа во пеште­рата на нивата Махпела, што ја беше купил Авраам од Хитиецот Ефрон, спроти Мамре, за да има гробница. А Јосиф се врати во Египет, – тој и браќата негови, и сите, кои беа на по­гребот на неговиот татко.