Лого на YouVersion
Икона за пребарување

Создавање 44

44
Јосиф ги става на испит своите браќа
1 # 42,25 Потоа му заповеда Јосиф на управителот на домот, велејќи: „Напол­ни им ги на овие луѓе вреќите со жито, колку што можат да носат, и на секого во отворот на вреќата стави им го среброто нивно; 2а чашата моја сребрена стави му ја на најмалиот во вреќата, заедно со среб­рото негово за купеното жито!“ И тој направи така, како што му рече Јосиф. 3А утредента, на осамнување, ги испратија луѓето со нивните магариња. 4#Изреки 17,13Уште не беа изминале многу пат од градот, му рече Јосиф на човекот, кој управуваше со домот негов: „Стани, оди брзо по оние луѓе, а, кога ќе ги сти­г­неш, кажи им: ‚Зошто враќате зло за добро‘. 5Не е ли тоа чашата, со која пие мојот господар? А тој на неа ги чита и претскажувањата! Тоа што го направивте е лошо.“ 6И тој ги стигна, и им ги рече овие зборови. 7А тие му одговорија: „Зошто зборуваш, господаре, такви зборови? Не, слугите твои такво нешто не би напра­виле. 8#22,8Дури и среброто, што го најдовме при отворот на вреќите, го вративме од хананската земја, па како можеме да украдеме од куќата на господарот твој сребро или злато? 9А при кого од слугите твои ќе се најде чашата, тој нека загине; а ние, пак, ќе му бидеме робови на господарот наш.“ 10#2 Мојс 20,15А тој, пак, рече: „Добро, нека биде така, како што рековте; но во кого ќе се најде чашата, тој нека ми биде роб, а вие другите нема да бидете виновни.“ 11И тие брзо ги симнаа вреќите свои, и ги одврзаа секој својата вреќа. 12А тој почна да бара, почнувајќи од најстариот, и завршувајќи со најмалиот; и се најде чашата во вреќата Венијаминова. 13Тогаш ја раскинаа облеката своја, па го натоварија секој товарот на своето магаре, и се вратија во градот.
Јуда интервенира во полза на Венијамин
14И дојдоа Јуда и браќата негови во домот на Јосиф, кој беше сѐ уште дома, и паднаа пред него на земја. 15А Јосиф им рече: „Што направивте? Зар не знаевте дека човек, каков што сум јас, се занимава со пророкување и секако ќе може да разбере?“ 16Тогаш рече Јуда: „Што да одго­вориме на господарот наш? Што да кажеме или со што да се оправдаме? Бог ја откри неправдата на твоите слуги. Еве, ние сме сите робови твои, господаре, и ние и овој, во кого се најде чашата!“ 17Но Јосиф одговори: „Не, јас не го сакам тоа; кај кого се најде чашата, тој нека ми биде роб, а вие одете си со здравје кај таткото ваш.“ 18Но Јуда пристапи до него и рече: „Господаре, дозволи да проговори слугата твој пред тебе и гневот твој нека не се истури на слугата твој, зашто ти си како и фараонот. 19Господарот мој ги праша слугите свои велејќи: ‚Имате ли татко или брат?‘ 20А ние му рековме на господарот наш: ‚Имаме стар татко и најмал брат, кој му се роди во староста; а неговиот брат умре, и тој остана сам од мајката своја, и таткото многу го сака!‘ 21А ти им рече на слугите твои: ‚До­ведете го кај мене да го видат моите очи.‘ 22И ние му рековме на господарот наш: ‚Не ќе може детето да го остави таткото свој; ако го остави својот татко, тој ќе умре.‘ 23#43,5А ти им рече на слугите твои: ‚Ако не дојде со вас најмалиот ваш брат, нема повеќе да го видите лицето мое.‘ 24Па, кога се вративме кај слугата твој, таткото наш, му ги кажавме зборовите на господарот наш. 25Потоа ни рече таткото наш: ‚Одете пак, купете ни малку храна.‘ 26А ние рековме: ‚Не можеме да одиме; но, ако дојде со нас братот наш најмал, тогаш ќе одиме, зашто не можеме да го видиме лицето на оној човек, ако со нас не биде нашиот најмал брат.‘ 27А слугата твој, таткото наш, ни рече: ‚Знаете дека жената моја ми роди два сина. 28#37,33А еден од нив отиде од мене, и јас реков: Сигурно е растргнат, и јас досега не го видов. 29Ако и овој го земете од мене, па го снајде некоја неволја по патот, ќе ме турнете вака стар со тага в гроб.‘ 30И сега, ако отидам кај слугата твој, таткото наш, и да не биде со нас детето, со чија душа е приврзана неговата душа 31и кога ќе види дека го нема детето, ќе умре; и слугите твои ќе го турнат стариот слуга твој, таткото наш, со тага в гроб. 32#43,9А твојот слуга ја зеде одговорноста за детето пред таткото наш, велејќи: ‚Ако не ти го доведам, нека бидам ви­новен пред таткото свој довека.‘ 33Затоа јас, слугата твој, нека оста­нам место детето, да му бидам роб на господарот мој, а детето нека си оди со браќата свои. 34Зашто, како ќе се вратам кај таткото свој, детето да не е со мене? Би го видел злото, што ќе го снајде мојот татко.“

Селектирано:

Создавање 44: MK2006

Нагласи

Сподели

Копирај

None

Дали сакаш да ги зачуваш Нагласувањата на сите твои уреди? Пријави се или најави се