Лого на YouVersion
Икона за пребарување

Создавање 43:1-34

Создавање 43:1-34 MK2006

Но гладот се зголемуваше во таа земја. А кога го изедоа житото, што го беа донеле од Египет, таткото нивни им рече: „Одете пак и купете ни малку храна.“ Јуда му проговори и рече: „Оној човек јасно ни рече: ‚Да не се јавувате пред лицето мое, ако вашиот помал брат не дојде со вас.‘ Ако го пуштиш со нас братот наш, ќе одиме и ќе ти купиме храна. Ако, пак, не го пуштиш, тогаш нема да одиме, зашто оној човек ни рече: ‚Да не се појавувате пред лицето мое, ако вашиот брат не биде со вас!‘“ Но Израел рече: „Зошто ми направивте такво зло и му рековте на човекот дека имате уште еден брат?“ А тие одговорија: „Човекот се рас­пра­шуваше за нас и за родот наш, ве­лејќи: ‚Дали е уште жив таткото ваш? Имате ли друг брат?‘ И ние му одго­воривме како што нѐ прашуваше. Можевме ли да знаеме дека ќе рече: ‚Доведете го братот ваш!?‘“ А Јуда му рече на Израел, таткото свој: „Пушти го малиот со мене, па ќе се кренеме и ќе отидеме за да останеме живи, и да не изумреме ни ние, ниту ти, ни нашите деца. Јас ќе одговарам за него, од моја рака ќе го бараш. Ако не ти го доведам и не го претставам пред тебе, ќе бидам виновен пред тебе до крајот на мојот живот. Да не се бавевме толку, досега можеби двапати ќе се вратевме!“ Тогаш Израел, таткото нивни, рече: „Ако е така, еве што ќе направите – земете плодови од оваа земја, па однесете му ги како подарок на оној човек; малку балсам, малку мед, миризлива смола, темјан, кикиритки и бадеми. А пари, со себе земете двојно по­веќе, бидејќи ќе треба да ги вратите парите, што ги најдовте под грлата на вашите вреќи; можеби е грешка. Земете го и братот ваш, па станете и одете пак кај оној човек. А семоќниот Бог Ел-Шадај да ви помогне да најдете милост кај оној човек, па да ви го пушти и другиот ваш брат, и Венијамин. А јас, пак, ако треба веќе да останам без деца, нека останам.“ Тогаш тие ги зедоа подароците и двојно повеќе сребреници, го зедоа и Венијамин, па станаа и отидоа во Египет и излегоа пред Јосиф. А Јосиф кога го виде со нив и Венијамин, му рече на човекот што управуваше со неговата куќа: „Одведи ги овие луѓе дома, па заколи нешто од добитокот и зготви го, зашто тие на пладне со мене ќе ручаат.“ И направи човекот така како што му рече Јосиф, и ги одведе луѓето во домот Јосифов. А тие луѓе се уплашија, кога чо­векот ги водеше во домот Јосифов, и рекоа: „Заради среброто, што се најде порано во вреќите наши, нѐ водат, додека не смислат нешто, па да нѐ обвинат, за да нѐ заробат нас и нашите магариња!“ И му пристапија на човекот, што управуваше со домот Јосифов, и му проговорија пред вратата на куќата и рекоа: „Чуј нѐ, господаре! Ние и порано бевме овде, за да купиме храна. Но кога бевме на ноќевање, ги отворивме вреќите, а тоа – среброто на секого од нас беше одозгора во вреќите наши; и еве во иста количина го враќаме со свои раце, а и друго сребро донесовме, да купиме храна; ние не знаеме кој ни го стави среброто наше во вреќите.“ А тој одговори: „Бидете спокојни, не плашете се, вашиот Бог и Бог на таткото ваш го ставил тоа благо во вреќите ваши; среброто ваше стигна кај мене.“ И им го изведе Симеон. И ги воведе човекот во домот Јосифов и им донесе вода, за да ги измијат нозете; а им даде и храна за нивните магариња. И ги приготвија подароците, че­кајќи дури да дојде Јосиф на пладне, зашто чуја дека тука ќе ручаат. А кога дојде Јосиф дома, му ги дадоа подароците, што ги имаа в рацете свои, и му се поклонија доземи. Потоа тој ги праша за здравјето и рече: „Добар ли е вашиот стар татко, за кого ми зборувавте? Жив ли е уште?“ А тие одговорија: „Жив е слугата твој, нашиот татко, и здрав е.“ Па се наведнаа и му се поклонија. А кога ги подигна очите свои, го виде братот свој, Венијамин, и рече: „Овој ли е најмалиот брат ваш, за кого ми зборувавте?“ И додаде: „Бог нека ти биде благонаклонет, синко!“ Тогаш Јосиф побрза надвор, зашто срцето му се беше возбудило поради братот негов. Му дојде да заплаче, па влезе во внатрешната соба и таму плачеше. Потоа се изми и излезе, и воздр­жувајќи се рече: „Принесете јадење!“ И му донесоа, нему посебно, ним одделно, и на Египќаните што ручаа кај него посебно, зашто Египќаните не можат да јадат со Евреите, бидејќи тоа би им било неугодно на Египќаните. И седнаа тие пред него, постарите според возраста нивна, а помладите спо­ред младоста нивна, па се погледаа, чудејќи се. И нареди дел од јадењата што беа пред него, да ги носат пред нив, а делот на Венијамин беше петпати поголем од делот на секого од нив. И пиеја и се нагостија со него.