Лого на YouVersion
Икона за пребарување

Создавање 42:18-28

Создавање 42:18-28 MK2006

А на третиот ден Јосиф им рече: „Ако сакате да останете живи, еве што ќе направите, зашто јас се плашам од Бога: ако сте чесни луѓе, еден брат од вас нека остане овде под стража, во домот каде што сте затворени, а вие останатите отидете и однесете жито на ва­шите изгладнети семејства. А потоа доведете го кај мене најмалиот ваш брат, за да се потврдат зборовите ваши. Ако ли не, ќе заги­нете.“ И тие постапија така. И си рекоа еден на друг: „Тешко нам! Ова е казната поради братот наш; не ја почувствувавме маката на душата негова, кога ни се молеше, но ние се оглушивме. Затоа и нѐ снајде ова зло.“ А Рувим им одговори, велејќи: „Зар не ви реков јас – не грешете против детето? Но вие не ме послушавте; и, еве, сега од нас се бара крвта негова.“ А тие не знаеја дека Јосиф ги разбира, зашто со него разговараа преку преведувач. Тогаш Јосиф се оддели од нив и заплака. И Јосиф заповеда да им ги наполнат вреќите со жито, а парите, кој колку што дал, да им ги вратат секому во вреќата, и да им дадат храна за по пат. И така беше направено. Па, откако го натоварија житото на своите магариња, си заминаа оттаму. А еден од нив, кога ноќеваа, ја отвори вреќата, за да го нахрани своето магаре, и ги виде парите свои одозгора во вреќата; и им рече на браќата свои: „Јас ги добив парите мои назад, еве ги во мојава вреќа.“ И затрепери срцето во нив. Се уплашија и си рекоа: „Зошто ни го направи Бог ова?“

YouVersion користи колачиња за да го персонализира вашето искуство. Со користење на нашата веб-страница, ја прифаќате употребата на колачиња како што е опишано во нашата Политика за приватност