Кога Јаков чу дека во Египет има жито, им рече на своите синови: „Што чекате?“ „Ете, слушам дека во Египет има жито; одете таму и купете ни жито, за да останеме живи и да не умреме!“ И десетмината браќа Јосифови отидоа во Египет да купат жито. А Венијамин, братот Јосифов, Јаков не го пушти со браќата негови, велејќи: „За да не го снајде по патот некоја несреќа.“ И дојдоа синовите Израелови да купат жито заедно со другите што доаѓаа, бидејќи и во хананската земја владееше глад.
А Јосиф беше управител во земјата; тој и му продаваше жито на сиот народ од таа земја. И браќата Јосифови, кога дојдоа, му се поклонија со лицето доземи. А Јосиф, штом ги виде браќата свои, ги позна; но се правеше како да не ги познава, и остро им проговори и рече: „Од каде сте дојдени?“ А тие одговорија: „Од хананската земја, да купиме храна.“ Јосиф, пак, ги позна браќата свои, но тие него не го познаа. И се сети Јосиф за соништата што ги беше сонил за нив, па им рече: „Вие сте разузнавачи. Сте дошле да ги извидите слабите места на оваа земја!“ А тие му рекоа: „Не сме, господаре, туку слуги твои, што дошле да купат храна; сите сме синови на еден човек, чесни луѓе сме; слугите твои никогаш не биле разузнавачи.“ Тој, пак, им рече: „Не, туку сте дошле да извидите каде е слабоста на оваа земја.“ А тие рекоа: „Ние слугите твои, бевме дванаесет браќа, синови на еден човек во хананската земја; и, ене, најмалиот денес е со таткото наш, а едниот го нема веќе.“ Тогаш Јосиф им дофрли: „Ви реков јас – вие сте разузнавачи. Туку вака сакам да се уверам: се колнам во животот на фараонот дека вие нема да излезете одовде, ако не дојде ваму најмалиот ваш брат. Испратете еден од вас, и тој нека го доведе вашиот брат; а вие ќе бидете задржани овде додека не видам дали е вистина тоа што го велите; инаку сте разузнавачи, жими животот на фараонот!“ И ги стави под стража за три дена. А на третиот ден Јосиф им рече: „Ако сакате да останете живи, еве што ќе направите, зашто јас се плашам од Бога: ако сте чесни луѓе, еден брат од вас нека остане овде под стража, во домот каде што сте затворени, а вие останатите отидете и однесете жито на вашите изгладнети семејства. А потоа доведете го кај мене најмалиот ваш брат, за да се потврдат зборовите ваши. Ако ли не, ќе загинете.“ И тие постапија така. И си рекоа еден на друг: „Тешко нам! Ова е казната поради братот наш; не ја почувствувавме маката на душата негова, кога ни се молеше, но ние се оглушивме. Затоа и нѐ снајде ова зло.“ А Рувим им одговори, велејќи: „Зар не ви реков јас – не грешете против детето? Но вие не ме послушавте; и, еве, сега од нас се бара крвта негова.“ А тие не знаеја дека Јосиф ги разбира, зашто со него разговараа преку преведувач. Тогаш Јосиф се оддели од нив и заплака.
И Јосиф заповеда да им ги наполнат вреќите со жито, а парите, кој колку што дал, да им ги вратат секому во вреќата, и да им дадат храна за по пат. И така беше направено. Па, откако го натоварија житото на своите магариња, си заминаа оттаму. А еден од нив, кога ноќеваа, ја отвори вреќата, за да го нахрани своето магаре, и ги виде парите свои одозгора во вреќата; и им рече на браќата свои: „Јас ги добив парите мои назад, еве ги во мојава вреќа.“ И затрепери срцето во нив. Се уплашија и си рекоа: „Зошто ни го направи Бог ова?“ И, откако дојдоа кај Јаков, таткото нивни, во земјата хананска, му раскажаа за сѐ, што им се случи, велејќи: „Остро зборуваше со нас човекот, кој заповеда во таа земја, и постапи со нас како со разузнавачи. А ние му рековме дека сме чесни луѓе, и дека никогаш не сме биле разузнавачи. Дванаесет браќа сме, синови на нашиот татко; едниот веќе го нема, а најмалиот е денес со таткото наш, во земјата хананска. Но човекот што заповеда во таа земја, ни рече: ‚Вака ќе дознаам дали сте чесни луѓе. Еден од браќата нека остане овде кај мене, а вие житото земете го и одете си кај вашите гладни семејства. А потоа доведете го кај мене вашиот најмал брат, за да се докаже дека не сте разузнавачи, туку чесни луѓе. Тогаш братот ваш ќе ви го пуштам, и ќе можете да тргувате во оваа земја.‘“ И празнејќи ги вреќите свои, за чудо, секој си го најде во вреќата своето ќесе со парите негови. Кога ги видоа ќесињата со парите нивни, тие и таткото нивни се уплашија. И им рече Јаков, нивниот татко: „Децата ми ги запустивте; Јосиф го нема, го нема и Симеон, па и Венијамин ли ќе ми го земете? Сето ова на мене се струпа!“ Тогаш проговори Рувим и му рече на таткото свој: „Двата мои сина убиј ги, ако не ти го доведам; дај го во мои раце, и јас ќе ти го вратам.“ А тој рече: „Нема да појде син ми со вас, зашто брат му негов умре и тој остана сам; па, ако се случи некоја несреќа на патот по кој ќе одите, стар ќе ме турнете со тага в гроб!“