Лого на YouVersion
Икона за пребарување

Создавање 42:1-38

Создавање 42:1-38 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги) (MK2006)

Кога Јаков чу дека во Египет има жито, им рече на своите синови: „Што чекате?“ „Ете, слушам дека во Египет има жито; одете таму и купете ни жито, за да останеме живи и да не умреме!“ И десетмината браќа Јосифови отидоа во Египет да купат жито. А Венијамин, братот Јосифов, Јаков не го пушти со браќата негови, велејќи: „За да не го снајде по патот некоја несреќа.“ И дојдоа синовите Израелови да купат жито заедно со другите што доаѓаа, бидејќи и во хананската земја владееше глад. А Јосиф беше управител во земјата; тој и му продаваше жито на сиот народ од таа земја. И браќата Јосифови, кога дојдоа, му се поклонија со лицето доземи. А Јосиф, штом ги виде браќата свои, ги позна; но се правеше како да не ги познава, и остро им проговори и рече: „Од каде сте дојдени?“ А тие одговорија: „Од хананската земја, да купиме храна.“ Јосиф, пак, ги позна браќата свои, но тие него не го познаа. И се сети Јосиф за соништата што ги беше сонил за нив, па им рече: „Вие сте разузнавачи. Сте дошле да ги извидите слабите места на оваа земја!“ А тие му рекоа: „Не сме, господаре, туку слуги твои, што дошле да купат храна; сите сме синови на еден човек, чесни луѓе сме; слугите твои никогаш не биле разузнавачи.“ Тој, пак, им рече: „Не, туку сте дошле да извидите каде е слабоста на оваа земја.“ А тие рекоа: „Ние слугите твои, бев­ме дванаесет браќа, синови на еден човек во хананската земја; и, ене, најмалиот денес е со таткото наш, а едниот го нема веќе.“ Тогаш Јосиф им дофрли: „Ви реков јас – вие сте разузнавачи. Туку вака сакам да се уверам: се колнам во животот на фараонот дека вие нема да излезете одовде, ако не дојде ваму најмалиот ваш брат. Испратете еден од вас, и тој нека го доведе вашиот брат; а вие ќе бидете задржани овде додека не видам дали е вистина тоа што го велите; инаку сте разузнавачи, жими животот на фара­о­нот!“ И ги стави под стража за три дена. А на третиот ден Јосиф им рече: „Ако сакате да останете живи, еве што ќе направите, зашто јас се плашам од Бога: ако сте чесни луѓе, еден брат од вас нека остане овде под стража, во домот каде што сте затворени, а вие останатите отидете и однесете жито на ва­шите изгладнети семејства. А потоа доведете го кај мене најмалиот ваш брат, за да се потврдат зборовите ваши. Ако ли не, ќе заги­нете.“ И тие постапија така. И си рекоа еден на друг: „Тешко нам! Ова е казната поради братот наш; не ја почувствувавме маката на душата негова, кога ни се молеше, но ние се оглушивме. Затоа и нѐ снајде ова зло.“ А Рувим им одговори, велејќи: „Зар не ви реков јас – не грешете против детето? Но вие не ме послушавте; и, еве, сега од нас се бара крвта негова.“ А тие не знаеја дека Јосиф ги разбира, зашто со него разговараа преку преведувач. Тогаш Јосиф се оддели од нив и заплака. И Јосиф заповеда да им ги наполнат вреќите со жито, а парите, кој колку што дал, да им ги вратат секому во вреќата, и да им дадат храна за по пат. И така беше направено. Па, откако го натоварија житото на своите магариња, си заминаа оттаму. А еден од нив, кога ноќеваа, ја отвори вреќата, за да го нахрани своето магаре, и ги виде парите свои одозгора во вреќата; и им рече на браќата свои: „Јас ги добив парите мои назад, еве ги во мојава вреќа.“ И затрепери срцето во нив. Се уплашија и си рекоа: „Зошто ни го направи Бог ова?“ И, откако дојдоа кај Јаков, таткото нивни, во земјата хананска, му рас­кажаа за сѐ, што им се случи, велејќи: „Остро зборуваше со нас човекот, кој заповеда во таа земја, и постапи со нас како со разузнавачи. А ние му рековме дека сме чесни луѓе, и дека никогаш не сме биле разузнавачи. Дванаесет браќа сме, синови на нашиот татко; едниот веќе го нема, а најмалиот е денес со таткото наш, во земјата хананска. Но човекот што заповеда во таа земја, ни рече: ‚Вака ќе дознаам дали сте чесни луѓе. Еден од браќата нека остане овде кај мене, а вие житото земете го и одете си кај вашите гладни семејства. А потоа доведете го кај мене вашиот најмал брат, за да се докаже дека не сте разузнавачи, туку чесни луѓе. Тогаш братот ваш ќе ви го пуштам, и ќе можете да тргувате во оваа земја.‘“ И празнејќи ги вреќите свои, за чудо, секој си го најде во вреќата своето ќесе со парите негови. Кога ги видоа ќесињата со парите нивни, тие и таткото нивни се уплашија. И им рече Јаков, нивниот татко: „Децата ми ги запустивте; Јосиф го нема, го нема и Симеон, па и Венијамин ли ќе ми го земете? Сето ова на мене се струпа!“ Тогаш проговори Рувим и му рече на таткото свој: „Двата мои сина убиј ги, ако не ти го доведам; дај го во мои раце, и јас ќе ти го вратам.“ А тој рече: „Нема да појде син ми со вас, зашто брат му негов умре и тој остана сам; па, ако се случи некоја несреќа на патот по кој ќе одите, стар ќе ме турнете со тага в гроб!“

Создавање 42:1-38 Библија: Стариот и Новиот Завет, Константинов (MKB)

Кога Јаков чу дека има жито во Египет, им рече на своите синови: „Зошто гледате еден во друг! Чув дека има жито во Египет! Отидете долу и набавете ни го оттаму, за да останеме во живот и да не изумреме.“ Така десетте Јосифови браќа слегоа да набават жито во Египет. Јаков не го испрати со другите Венијамина, вистинскиот Јосифов брат. Велеше: „Да не му се случи некаква несреќа.“ Меѓу оние кои одеа да набават жито, зашто владееше глад во Ханаанската Земја, беа и Израелевите синови. Јосиф беше управител во земјата; тој му продаваше жито на сиот народ на земјата. Така и Јосифовите браќа дојдоа и му се поклонија со лицето до земјата. Јосиф ги препозна браќата, штом ги здогледа, но се однесуваше кон нив како странец и им зборуваше остро. Ги праша: „Од каде доаѓате?“ Одговорија: „Од Ханаанската Земја, дојдовме да купиме храна.“ Иако Јосиф ги препозна своите браќа, тие не го препознаа него. Јосиф си спомна за соништата што ги виде за нив. И им рече: „Вие сте согледувачи! Дојдовте да ги согледате слабите места на земјава.“ Тие му одговорија: „Не, господару! Твоите слуги дојдоа да набават храна. Сите ние сме синови на еден татко; чесни луѓе сме; твоите слуги никогаш не биле согледувачи.“ Тој пак им рече: „Не, туку дојдовте да ги согледате слабите места на земјава.“ Тие одговорија: „Ние, твоите слуги, бевме дванаесет браќа - синови на еден татко - во Ханаанската Земја; најмладиот е сега со таткото, а едниот веќе го нема.“ Но Јосиф им дофрли: „Онака е како што веќе ви реков: вие сте согледувачи! Вака ќе ве испитам: жив да ми е фараонот, оттука нема да излезете, ако вашиот најмлад брат не дојде тука! Испратете еден од вас да ви го доведе братот, а вие другите во темница! Така ќе го проверам вашето тврдење и ќе видам дали е вистината со вас или не е. Инаку, жив да ми биде фараонот, вие сте согледувачи.“ Потоа ги фрли во темница за три дни. На третиот ден, Јосиф им рече: „Извршете го тоа, и ќе останете во живот, зашто јас сум човек, кој се бои од Бога. Ако сте чесни, еден од вас нека остане во затворот, а вие другите одете си и однесете го житото во својот дом што гладува. Потоа доведете ми го вашиот најмлад брат, за да докажете дека се вистинити вашите зборови и да не загинете.“ Тие се согласија. И еден на друг си велеа: „Тешко ни нам! Нѐ стигна казна заради нашиот брат; ја гледавме неговата мака додека нѐ молеше за милост, ама не го послушавме. Затоа нѐ снајде оваа неволја.“ Рувим им одговори: „Зар не ви зборував: ‘Не грешете против детето!’ Но вие не слушавте. Сега се бара сметка за неговата крв.“ Не знаеја дека Јосиф ги разбира, зашто зборуваа со него преку преведувач. Тој се оддалечи од нив и заплака. Пак се врати и разговараше со нив. И го одвои Симеона од нив и нареди да биде врзан пред нивни очи. А Јосиф заповеда да им ги наполнат вреќите со жито; секому да му ги стават сребрениците во вреќата и да им дадат храна за по пат. Така им сторија. Тие го натоварија житото на своите ослиња и тргнаа оттаму. Кога еден од нив ја отвори, во преноќиштето, својата вреќа, за да го нахрани ослето, ги виде своите сребреници одозгора во вреќата. „Моето сребро ми е вратено! - им извика на браќата. - Еве го во мојата вреќа!“ Срцето затрепери во нив. Се загледаа уплашени и рекоа: „Што ни го стори ова Бог?“ Откако дојдоа при својот татко Јаков, во Ханаанската Земја, му кажаа што им се случи. „Човекот, кој е господар на онаа земја - рекоа - ни зборуваше остро и нѐ обвини како согледувачи. ‘Чесни луѓе сме - му рековме - и никогаш не сме биле извидници. Бевме дванаесет браќа, синови на ист татко, но едниот веќе го нема, додека најмладиот се наоѓа сега со нашиот татко во Ханаанската Земја.’ Но човекот, кој управува над таа земја, ни рече: ‘Вака ќе научам дали сте чесни луѓе: оставете еден брат кај мене, а вие другите земете жито заради гладот на вашите семејства, па одете си. И доведете ми го вашиот најмлад брат, така да знам дека не сте согледувачи, туку чесни луѓе. Па ќе ви го вратам вашиот брат, а вие ќе можете слободно да се движите низ земјава.’“ Кога ги празнеа своите вреќи, секој го најде своето сребро во вреќата. Забележувајќи го тоа, се исплашија и тие и нивниот татко. „Вие ме оставате мене без деца! - им рече татко им Јаков. - Јосифа го снема, Симеона го нема, а сега сакате да го одведете и Венијамина. Сѐ тоа паѓа врз мене!“ А Рувим му рече на татка си: „Убиј ги моите два сина, ако не ти го доведам назад! Предај го во мои раце, и јас ќе ти го вратам!“ „Син ми нема да дојде со вас! - им одговори. - Неговиот вистински брат веќе е мртов, и тој остана сам. Ако му се случи несреќа, на патот по кој ќе тргнете, ќе ја испратите со тага мојата седа глава во гробот!“