И уште му рече фараонот на Јосиф: „Еве, те поставувам денес тебе над целата египетска земја.“ И го извади фараонот прстенот од раката своја и му го стави на Јосиф на рака, и го облече во облека од најфина ткаенина, и му стави златна веришка околу вратот. И заповеда да го возат во неговата втора кола, а гласник пред него да извикува: „Аврех!“ И го постави над целата земја египетска. И фараонот му рече на Јосиф: „Јас сум фараон, но без тебе никој нема да крене рака, ни нога во целата земја египетска.“ И го нарече фараонот Јосиф Цафенат-Панеах; и го ожени со Асената, ќерката на Потифера, свештеник од Он. А Јосиф имаше триесет години, кога се претстави пред фараонот, царот египетски. И, откако отиде од фараонот, тој ја обиколи целата земја египетска. И за седум родни години земјата роди во изобилство. И собираше Јосиф за тие седум години секаков вид жито, што го даваше египетската земја, и го носеше житото во градовите; во секој град го носеше житото од околните ниви. Така насобра Јосиф многу жито, колку што е песокот морски, така што престанаа да го мерат, зашто немаше број. А пред да настанат гладните години, му се родија на Јосиф два сина, кои му ги роди Асената, ќерката на Потифера, свештеник од Он. И на првородениот Јосиф му стави име Манасија, велејќи: „Зашто Бог ми овозможи да ги заборавам несреќите мои и целиот дом на мојот татко.“ А вториот го нарече Ефрем, велејќи: „Бидејќи Бог ме направи плоден во земјата на маките мои.“ Но изминаа седумте родни години во египетската земја, и настапија седумте гладни години, како што беше рекол Јосиф. И настана глад по сите земји, а во целата египетска земја имаше леб. Но, кога почна да гладува и египетската земја, народот му бараше на фараонот леб. А фараонот им рече на сите Египќани: „Одете кај Јосиф, па како што ќе каже тој, така правете.“ А кога гладот се прошири во целата земја, ги отвори Јосиф сите житници и почна да им продава на Египќаните жито, бидејќи настана голем глад во египетската земја. И од сите земји доаѓаа во Египет да купуваат жито од Јосиф, зашто настана голем глад по целата земја.