Лого на YouVersion
Икона за пребарување

Создавање 41:41-57

Создавање 41:41-57 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги) (MK2006)

И уште му рече фараонот на Јосиф: „Еве, те поставувам денес тебе над целата египетска земја.“ И го извади фараонот прстенот од раката своја и му го стави на Јосиф на рака, и го облече во облека од најфина ткаенина, и му стави златна веришка околу вратот. И заповеда да го возат во неговата втора кола, а гласник пред него да извикува: „Аврех!“ И го постави над целата земја египетска. И фараонот му рече на Јосиф: „Јас сум фараон, но без тебе никој нема да крене рака, ни нога во целата земја египетска.“ И го нарече фараонот Јосиф Цафенат-Панеах; и го ожени со Асената, ќерката на Потифера, свештеник од Он. А Јосиф имаше триесет години, кога се претстави пред фараонот, царот египетски. И, откако отиде од фараонот, тој ја обиколи целата земја египетска. И за седум родни години земјата роди во изобилство. И собираше Јосиф за тие седум години секаков вид жито, што го даваше египетската земја, и го носеше житото во градовите; во секој град го носеше житото од околните ниви. Така насобра Јосиф многу жито, колку што е песокот морски, така што престанаа да го мерат, зашто немаше број. А пред да настанат гладните години, му се родија на Јосиф два сина, кои му ги роди Асената, ќерката на Потифера, свештеник од Он. И на првородениот Јосиф му стави име Манасија, велејќи: „Зашто Бог ми овозможи да ги заборавам несреќите мои и целиот дом на мојот татко.“ А вториот го нарече Ефрем, велејќи: „Бидејќи Бог ме направи плоден во земјата на маките мои.“ Но изминаа седумте родни години во египетската земја, и настапија седумте гладни години, како што беше рекол Јосиф. И настана глад по сите земји, а во целата египетска земја имаше леб. Но, кога почна да гладува и египетската земја, народот му бараше на фараонот леб. А фараонот им рече на сите Египќани: „Одете кај Јосиф, па како што ќе каже тој, така правете.“ А кога гладот се прошири во целата земја, ги отвори Јосиф сите житници и почна да им продава на Египќаните жито, бидејќи настана голем глад во египетската земја. И од сите земји доаѓаа во Египет да купуваат жито од Јосиф, зашто настана голем глад по целата земја.

Создавање 41:41-57 Библија: Стариот и Новиот Завет, Константинов (MKB)

Еве, те поставувам - му рече фараонот на Јосифа - над целата Египетска Земја.“ Потоа фараонот го извади печатниот прстен од својата рака и го стави на Јосифовата рака. И го облече Јосифа во облека од најубава ткаеница, а околу вратот му обеси златна огрлица. Тој се возеше на кола, како негов заменик, а пред него викаа: „На колена!“ Така го постави над целата Египетска Земја. Уште фараонот му рече на Јосифа: „Иако сум јас фараон, никој нема да ги помрдне своите раце ни нозе без твое одобрение во целата Египетска Земја. Фараонот го нарече Јосифа „Сафнат Панеах“ и му ја даде за жена Асенета, ќерката на Поти Фер, свештеник во Он. И Јосиф тргна по целата Египетска Земја. Јосиф беше на триесет години кога стапи во служба на фараонот, египетскиот цар. А откако отиде од пред фараонот, Јосиф патуваше низ целата Египетска Земја. Во седумте плодни години, земјата раѓаше во изобилство; во тие седум години што Египетската Земја ги уживаше - тој собираше од разните полски приходи и храната ја чуваше во градовите, сместувајќи ја во секој град жетвата од околните полиња. Така Јосиф натрупа многу жито, како песок во морето, па прекрати да го мери, зашто беше без мерка. Додека уште не настапија гладните години, на Јосифа му се родија два сина, кои му ги роди Асенета, ќерката на Поти Фер, свештеник во Он. На првороденецот Јосиф му го даде името Манасиј, „зашто Бог - рече - направи да ги заборавам своите тешкотии и својот татков дом.“ На вториот му го даде името Ефраим, „зашто Бог - рече - ме направи плоден во земјата на мојата неволја.“ Седумте години на изобилство, што ги уживаше Египетската Земја, дојдоа до крај, а се приближија седумте гладни години, како што прорече Јосиф. Во сите земји беше глад, а во целата Египетска Земја имаше леб. А кога и целата Египетска Земја почувствува глад, луѓето извикаа кон фараонот за леб; а фараонот им рече на сите Египетци: „Одете при Јосифа, и што ќе ви рече, правете!“ Кога гладот се прошири низ целата земја, Јосиф ги отвори житниците, па ги снабдуваше Египетците со жито, зашто гладот стана голем и во Египетската Земја. Од сите земји доаѓаа во Египет, при Јосифа, да купуваат жито, зашто гладот се засили по целиот свет.