Сара поживеа сто дваесет и седум години; тоа се годините на Сариниот живот. И умре Сара во градот Кирјат-Арба, а тоа е Хеврон, во земјата хананска. И дојде Авраам да ја изжали и да ја исплаче. А кога се оддели Авраам од покојницата своја, им рече на синовите Хетеови, велејќи: „Странец сум и придојден кај вас; дајте ми да имам гроб кај вас, за да ја погребам покојницата своја.“ А синовите Хетеови му одговорија на Авраам, велејќи: „Чуј нѐ, господаре наш; ти си кнез Божји меѓу нас; погреби ја покојницата своја во најдоброто од нашите места за погреб; никој меѓу нас нема да ти одбие погребно место за да можеш да ја погребеш покојницата своја таму!“ Тогаш стана Авраам и му се поклони на народот од земјата на синовите Хетеови, и им рече, велејќи: „Ако сакате да ја погребам покојницата своја, послушајте ме – речете му за мене на Ефрон, синот Цохаров. Нека ми ја даде пештерата Махпела, која е на крајот од нивата негова; за пари нека ми ја даде, колку што чини, за да имам гробница меѓу вас!“ А Ефрон седеше меѓу синовите Хетеови. И му одговори Ефрон Хитиецот на Авраам, пред синовите Хетеови, и тоа гласно, да чујат сите, кои влегуваа низ градските порти, велејќи: „Не, господаре; послушај ме: нивата, и пештерата во неа, ти ја давам; пред синовите на народот мој ти ја подарувам, погреби ја покојницата твоја.“ А Авраам му се поклони на народот од таа земја, и му рече на Ефрон гласно, пред сиот народ, велејќи: „Ако сакаш, почуј ме: ќе ти дадам колку што чини нивата, земи од мене, па тогаш ќе ја погребам покојницата своја таму.“ А Ефрон му одговори на Авраам и рече: „Господаре мој, чуј ме; земјата чини четиристотини шекели сребро; што е тоа за мене и за тебе? Затоа погреби ја покојницата твоја!“ И Авраам, откако го ислуша Ефрон, му го измери среброто, што го кажа тој пред синовите Хетеови, четиристотини шекели сребро, како што врвеше тогаш меѓу трговците. И кај нивата Ефронова кај Махпела спроти Мамре, нивата и пештерата што е во неа и сите дрвја во нивата и во нејзините предели наоколу, станаа сопственост на Авраам пред синовите Хетеови, пред сите кои влегуваа во тој град. Потоа ја погреба Авраам Сара, жената своја, во пештерата Махпела на нивата спроти Мамре; а тоа е Хеврон, во земјата хананска. Така Авраам ја придоби од синовите Хетеови нивата и пештерата во неа, за да има сопствена гробница.