Лого на YouVersion
Икона за пребарување

Создавање 23:1-20

Создавање 23:1-20 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги) (MK2006)

Сара поживеа сто дваесет и седум години; тоа се годините на Сариниот живот. И умре Сара во градот Кир­јат-Арба, а тоа е Хеврон, во земјата хананска. И дојде Авраам да ја изжали и да ја исплаче. А кога се оддели Авраам од покој­ницата своја, им рече на синовите Хе­теови, велејќи: „Странец сум и придојден кај вас; дајте ми да имам гроб кај вас, за да ја погребам покојницата своја.“ А синовите Хетеови му одговорија на Авраам, велејќи: „Чуј нѐ, господаре наш; ти си кнез Божји меѓу нас; погреби ја покојницата своја во најдоброто од нашите места за погреб; никој меѓу нас нема да ти одбие погребно место за да можеш да ја по­гребеш покојницата своја таму!“ Тогаш стана Авраам и му се поклони на народот од земјата на синовите Хетеови, и им рече, велејќи: „Ако сакате да ја погребам покојницата своја, послушајте ме – речете му за мене на Ефрон, синот Цохаров. Нека ми ја даде пештерата Махпела, која е на крајот од нивата негова; за пари нека ми ја даде, колку што чини, за да имам гробница меѓу вас!“ А Ефрон седеше меѓу синовите Хетеови. И му одговори Ефрон Хитие­цот на Авраам, пред синовите Хетеови, и тоа гласно, да чујат сите, кои влегуваа низ градските порти, велејќи: „Не, господаре; послушај ме: нивата, и пештерата во неа, ти ја давам; пред синовите на народот мој ти ја подарувам, погреби ја покојницата твоја.“ А Авраам му се поклони на народот од таа земја, и му рече на Ефрон гласно, пред сиот народ, велејќи: „Ако сакаш, почуј ме: ќе ти дадам колку што чини нивата, земи од мене, па тогаш ќе ја погребам покојницата своја таму.“ А Ефрон му одговори на Авраам и рече: „Господаре мој, чуј ме; земјата чини четиристотини шекели сребро; што е тоа за мене и за тебе? Затоа погреби ја покојницата твоја!“ И Авраам, откако го ислуша Еф­рон, му го измери среброто, што го кажа тој пред синовите Хетеови, чети­ристотини шекели сребро, како што врвеше тогаш меѓу трговците. И кај нивата Ефронова кај Махпела спроти Мамре, нивата и пештерата што е во неа и сите дрвја во нивата и во нејзините предели наоколу, станаа сопственост на Авраам пред синовите Хетеови, пред сите кои влегуваа во тој град. Потоа ја погреба Авраам Сара, же­ната своја, во пештерата Махпела на нивата спроти Мамре; а тоа е Хеврон, во земјата хананска. Така Авраам ја придоби од сино­вите Хетеови нивата и пештерата во неа, за да има сопствена гробница.

Создавање 23:1-20 Библија: Стариот и Новиот Завет, Константинов (MKB)

Должината на Сáриниот живот беше сто дваесет и седум години. Сáра умре во Киријат Арва, односно во Хеврон, во Ханаанската Земја; и Авраам жалеше за Сáра и тажеше по неа. Потоа Авраам се крена од пред својата покојница и им прозбори на Хетевите синови: „Иако сум јас населен странец меѓу вас, продајте ми земја за гроб среде вас, така да можам да ја изнесам својата покојница и да ја погребам.“ А Хетевите синови му одговорија на Авраама и му кажаа: „Послушај нѐ, господару! Ти си Божји избраник во наша средина. Погреби ја својата покојница во нашиот најдобар гроб. Никој од нас нема да ти го откаже својот гроб, за да можеш да ја погребеш својата покојница.“ Тогаш Авраам стана и длабоко им се поклони на месните жители, на Хетевите синови и им рече: „Ако се согласувате со мене да ја отстранам својата покојница и да ја погребам, чујте ме: заземете се за мене пред Саровиот син Ефрон, за да ми ја продаде пештерата Махпела, што му припаѓа нему, а се наоѓа на крајот на неговата нива; нека ми ја продаде, по полна цена, во ваше присуство, во сопственост за погребение.“ А Ефрон седеше меѓу Хетевите синови. Потоа Ефрон, Хетеец, му одговори на Авраама, за да чујат Хетевите синови со свои уши - сите што седеа во советот на оној град: „Не, мој господару! Послушај ме! Јас ти ја давам нивата и пештерата што е во неа; ти го подарувам тоа пред сите синови на својот народ. Погреби ја својата покојница.“ Авраам им се поклони длабоко на месните жители, а тогаш му проговори на Ефрона, за да чујат месните жители со свои уши: „Ако сакаш, те молам, послушај ме! Ќе ти ја платам вредноста на нивата; прими ја од мене; за да можам да ја погребам таму својата покојница!“ Ефрон му одговори на Авраама: „Чуј ме, мој господару: земја во вредност од четири стотини сребреници, што е тоа за тебе и за мене! И така, погреби ја својата покојница!“ Авраам се согласи со Ефрона, му исплати онолку, колку што спомна, така што можеа да чујат со свои уши Хетевите синови - четири стотини сребреници, според трговската мера. И така Ефроновата нива во Махпела, спроти Мамвриј - нивата, пештерата и сите дрва што беа во нивата - преминаа во сопственост на Авраама, на очиглед на Хетевите синови, на сите кои седеа во советот на својот град. А тогаш Авраам ја погреба својата жена Сáра во пештерата на нивата Махпела, спроти Мамвриј, а тоа е Хеврон, во Ханаанската Земја. Така нивата и пештерата во неа, преминаа од Хетевите синови во сопственост на Авраама за погребување.