Лого на YouVersion
Икона за пребарување

Излез 4:18-31

Излез 4:18-31 MK2006

Тогаш отиде Мојсеј и се врати кај својот тест Јотор и му рече: „Ќе појдам и ќе се вратам кај браќата мои во Египет, да видам дали се уште живи.“ Јотор му рече на Мојсеј: „Оди со здравје!“ И Господ му рече на Мојсеј во Мидјан: „Оди, врати се во Египет, заш­то изумреа сите, што ја бараа душата твоја.“ Тогаш ја зеде Мојсеј жената своја и синовите свои, и ги качи на магариња, и замина за Египет. А стапот Божји го зеде Мојсеј во раката своја. И му рече Господ на Мојсеј: „Кога ќе отидеш и се вратиш во Египет, гле­дај да ги направиш пред фараонот сите чуда, за кои ти дадов моќ во рацете твои. А Јас, пак, ќе го ожесточам срцето негово, да не го пушти народот. А ти кажи му на фараонот: Вака вели Господ: Израел е Мојот првороден син. Јас ти велам: пушти го синот Мој да Ми служи. Ако не го пуштиш, Јас ќе го убијам твојот првороден син.“ И кога патем ноќеваше, го сретна Господ и сакаше да го убие. Тогаш Ципора зеде остар камен, и ја обреза крајната плот на својот син, и фрлајќи ја пред нозете негови, рече: „Ти си мојот крвав младоженец.“ Тогаш Тој отиде од него; а таа рече: „Поради обрезанието си крвав мла­доженец.“ А Господ му рече на Арон: „Излези во пустината и оди да го сретнеш Мојсеј!“ И тој отиде и го сретна на планината Божја, и го бакна. Мојсеј, пак, му ги кажа на Арон сите зборови Господови: Кој го испрати, и сите чуда, што му заповеда да ги изврши. И отидоа Мојсеј и Арон и ги собраа сите старешини на синовите израелски. А Арон ги кажа сите зборови, што му ги беше кажал Господ на Мојсеј, а Мојсеј ги изврши сите чуда пред очите на народот. Народот поверува. И откако слуш­наа дека Господ ги посетил синовите израелски и погледнал на маката нивна, паднаа на колена и се поклонија.