Лого на YouVersion
Икона за пребарување

Естира 9:1-32

Естира 9:1-32 MK2006

Во дванаесеттиот месец, во месецот адар, на тринаесеттиот ден, кога дојде време да се исполни заповедта на царот и на неговата повелба, во тој ден, кога непријателите на Јудеј­ците, се надеваа дека ќе ја земат власта над нив, Јудејците ја зедоа власта над своите непријатели; се собраа Јудејците во градовите свои по сите области на царот Ксеркс, да ставаат рака врз своите непријатели, и никој не можеше да истрае пред лицето нивно, затоа што стравот од нив ги беше опфатил сите народи. И сите кнезови по областите и са­трапите и обласните намесници и извр­шители на царските дела ги помагаа Јудејците, зашто ги беше опфатил страв од Мардохеј. Зашто Мардохеј беше силен во царскиот дом, и славата негова се пренесуваше по сите области, бидејќи тој човек, Мардохеј, се издигаше сѐ повеќе и повеќе. Јудејците ги погубуваа сите свои не­пријатели, убивајќи ги со меч, ги умртвуваа и ги истребуваа; и постапуваа со непријателите свои по своја волја. Во престолнината Суза убија и истребија петстотини души; Паршандата, Далфон, Аспата, Пората, Адалија, Аридата, Пармашта, Арисај, Аридај и Вајизата – десетте синови на Амадатовиот син Аман, непријател на Јудејците, ги убија, но за грабеж рака не подадоа. Во истиот ден му го соопштија на царот бројот на убиените во престолнината Суза. Тогаш ѝ рече царот на царицата Естира: „Во престолнината Суза Јудеј­ците убија и истребија петстотини души и десетмина Аманови синови; а што ли извршиле во другите царски области? Каква е твојата желба? И таа ќе биде удоволена. И каква е уште твојата мол­ба? И таа ќе биде исполнета.“ Естира му одговори: „Ако му е на царот угодно, нека им биде дозволено на Јудејците во Суза, да го вршат истото и утре, она што беше денес, и десетте Аманови синови да бидат обесени на бесилка.“ Царот заповеда да се направи така. Затоа беше издадена повелба во Суза, и ги обесија десетте Аманови синови. Се собраа Јудејците што беа во Суза, исто така и на четиринаесеттиот ден од месецот адар и убија во Суза триста души, но за грабеж рака не пуштија. И другите Јудејци, кои се наоѓаа во царските области, се собраа да го заштитуваат својот живот и својот мир од нивните непријатели, па убија од непријателите седумдесет и пет илјади, но за грабеж рака не пуштија. Тоа стана на тринаесеттиот ден од месец адар, и на четиринаесеттиот ден од тој месец тие се успокоија и напра­вија ден за гозби и веселби. А Јудејците што беа во Суза, се собраа на тринаесеттиот ден и на четиринаесеттиот ден, а на петнаесеттиот ден се успокоија и го направија ден за гозби и веселби. Затоа Јудејците селани што жи­вееја во неутврдени села, го поминуваат четиринаесеттиот ден на месец адар во веселби и гоштевки, како празник, и за­емно си испраќаат пода­роци; а оние што живеат во утврдените градови, го поминуваат и петнаесеттиот ден на адар во добра веселба и им испраќаат подароци на блис­ките. Мардохеј ги опиша тие настани и испрати писма до сите Јудејци во областите на царот Ксеркс, до блис­ките и далечните, за да го востановат и секоја година да го празнуваат четиринаесеттиот ден од месецот адар и неговиот петнаесетти ден, како дни, во кои Јудејците се сми­рија од своите непријатели, и како таков месец, во кој се претвори кај нив жа­лоста во радост и тагата – во празник, – за да ги направат дните за гоштевки и веселби, при што заемно да си испраќаат подароци и дарови на сиромасите. Јудејците го примија тоа, кое веќе сами беа почнале да го прават и за кое им напиша Мардохеј, дека Вугеецот Аман, Амадатов син, непријател на сите Јудејци, мислеше да ги погуби Јудејците и фрлаше ждрепка, за да ги истреби и погуби, и како Естира отиде кај царот и како царот заповеда со ново писмо злосторничкиот план на Аман што бе­ше намислил за Јудејците да се сврти против главата нивна, и да го обесат него и синовите негови. Затоа и ги нарекоа тие дни Пурим, од зборот пур – ждрепка. Ете зашто, согласно со сите зборови од тоа писмо и со она што сами го видоа и пропатија, Јудејците се обврзаа и прифатија за себе и за децата свои и за сите што се присоединуваа кон нив, неодменливо да ги празнуваат тие два дена, според заповеданото за нив и на времето нивно, секоја година; и да бидат тие дни за сеќавање и празнувани во сите родови, во секое племе, во секоја област и во секој град; а тие дни Пурим да не се менуваат кај Јудејците, па споменот за нив да не исчезне кај децата нивни. Напиша и царицата Естира, ќер­ка Авихаилова, и Јудеецот Мардохеј, најупорно да го исполнуваат тоа ново писмо за Пурим; и испратија писмо со зборови за мир и правда до сите Јудејци во сто дваесет и седум области на царот Ксеркс, за да ги пазат постојано тие дни Пурим за времето нивно, како што ги установија за нив Јудеецот Мардохеј и царицата Естира и како што сами ги определија за себе и за децата свои, во дните на пост и плачење. Така заповедта на Естира ја потврди таа наредба за Пурим, а таа се запиша и во книгата.