Лого на YouVersion
Икона за пребарување

Естира 5:1-14

Естира 5:1-14 MK2006

На третиот ден Естира се облече по царски и дојде во внатрешниот двор на царскиот дом, пред домот на царот. А царот тогаш седеше на својот царски престол во царскиот дом, токму спроти влезот на домот. Кога царот виде дека царицата Естира стои во дворот, таа најде милост во очите негови и царот го подаде кон Естира златниот жезол што беше во раката негова. Естира се приближи и го допре крајот на жезолот. Тогаш царот ѝ рече: „Што ти е, царице Естира? Која е твојата молба? Дури и половината од царството ќе ти биде дадено.“ Тогаш Естира рече: „Денес имам празник. Ако му е на царот угодно, не­ка дојде царот со Аман на гозба што сум му ја приготвила.“ А царот рече: „Одете поскоро по Аман за да се исполни желбата на Ес­тира.“ И дојде царот со Аман на гозбата што ја беше приготвила Естира. И кога царот сакаше да пие вино, ја праша Естира: „Која ти е желбата? Таа ќе биде исполнета. И каква е твојата молба? Макар да бараш и половина царство, тоа ќе ти биде дадено.“ Одговори Естира и рече: „Еве ја мојата желба и мојата молба: ако сум нашла милост во очите на царот и ако на царот му е мило да ја исполни желбата моја и да ја исполни молбата моја, тогаш нека дојде царот со Аман на гозба што ќе ја приготвам за нив и утре, па ќе постапам според царскиот збор.“ Тој ден Аман излезе весел и расположен. Но кога Аман го виде Мардохеј при царската порта, и тој не стана и не се помести од местото пред него, Аман се исполни со гнев против Мардохеј. Но Аман сепак се воздржа. А кога дојде во домот свој, испрати да ги пови­каат неговите пријатели и неговата жена Зереша. Аман им раскажа за големото свое богатство, за многуте свои сино­ви и за сѐ она, како царот го возве­личил и како го воздигнал над кнезовите и слугите царски. И рече Аман: „Па и царицата Ес­тира никого не повика со царот на гозбата, што ја беше приготвила, освен мене; така и утре сум поканет кај неа со царот. Но сето тоа не ме задоволува додека го гледам Јудеецот Мардохеј како седи пред царската порта.“ И му рече жената негова Зереша, и сите негови пријатели: „Нека приготват бесилка, висока педесет лакти, и утре кажи му на царот да го обеси Мардохеј на неа, и тогаш оди весело на гозбата со царот.“ Му се допаднаа на Аман тие зборови, и тој нареди бесилката да биде направена.