Лого на YouVersion
Икона за пребарување

Естира 5:1-14

Естира 5:1-14 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги) (MK2006)

На третиот ден Естира се облече по царски и дојде во внатрешниот двор на царскиот дом, пред домот на царот. А царот тогаш седеше на својот царски престол во царскиот дом, токму спроти влезот на домот. Кога царот виде дека царицата Естира стои во дворот, таа најде милост во очите негови и царот го подаде кон Естира златниот жезол што беше во раката негова. Естира се приближи и го допре крајот на жезолот. Тогаш царот ѝ рече: „Што ти е, царице Естира? Која е твојата молба? Дури и половината од царството ќе ти биде дадено.“ Тогаш Естира рече: „Денес имам празник. Ако му е на царот угодно, не­ка дојде царот со Аман на гозба што сум му ја приготвила.“ А царот рече: „Одете поскоро по Аман за да се исполни желбата на Ес­тира.“ И дојде царот со Аман на гозбата што ја беше приготвила Естира. И кога царот сакаше да пие вино, ја праша Естира: „Која ти е желбата? Таа ќе биде исполнета. И каква е твојата молба? Макар да бараш и половина царство, тоа ќе ти биде дадено.“ Одговори Естира и рече: „Еве ја мојата желба и мојата молба: ако сум нашла милост во очите на царот и ако на царот му е мило да ја исполни желбата моја и да ја исполни молбата моја, тогаш нека дојде царот со Аман на гозба што ќе ја приготвам за нив и утре, па ќе постапам според царскиот збор.“ Тој ден Аман излезе весел и расположен. Но кога Аман го виде Мардохеј при царската порта, и тој не стана и не се помести од местото пред него, Аман се исполни со гнев против Мардохеј. Но Аман сепак се воздржа. А кога дојде во домот свој, испрати да ги пови­каат неговите пријатели и неговата жена Зереша. Аман им раскажа за големото свое богатство, за многуте свои сино­ви и за сѐ она, како царот го возве­личил и како го воздигнал над кнезовите и слугите царски. И рече Аман: „Па и царицата Ес­тира никого не повика со царот на гозбата, што ја беше приготвила, освен мене; така и утре сум поканет кај неа со царот. Но сето тоа не ме задоволува додека го гледам Јудеецот Мардохеј како седи пред царската порта.“ И му рече жената негова Зереша, и сите негови пријатели: „Нека приготват бесилка, висока педесет лакти, и утре кажи му на царот да го обеси Мардохеј на неа, и тогаш оди весело на гозбата со царот.“ Му се допаднаа на Аман тие зборови, и тој нареди бесилката да биде направена.

Естира 5:1-14 Библија: Стариот и Новиот Завет, Константинов (MKB)

Во третиот ден, откако прекрати да пости ги соблече молитвенитеоблеки и се облече во царската облека, и застана во внатрешниот трем на царевата куќа, спроти царскиот дом; а царот седеше на својот царски престол во царскиот дом, спроти влезот на куќата. И кога царот виде дека царицата Естира стои во дворот; таа најде благодат пред него и царот го испружи златниот жезол што го држеше во раката, кон Естира; а Естира се доближи и се допре до крајот на жезолот. Царот рече: „Што тие тебе царице Естиро? Што сакаш? Ако е тоа и половина од царството, ќе ти биде!“ Естира одговори: „Царот ако му е мило, нека дојде со Амана на гозба што денес ја подготвив.“ Царот одговори: „Известете го веднаш Амана за да се исполни Естирината желба.“ Царот дојде со Амана на гозбата што ја подготви Естира. Додека пиеја вино, царот ѝ рече на Естира: „Што и да побараш ќе добиеш. Што и да посакаш, ако е тоа и половина од царството ќе ти биде!“ Естира одговори: „Мојата молба и желба е, ако најдов милост во царевите очи и ако му е угодно на царот да ми даде што молам и да направи што сакам, царот да дојде повторно со Амана на гозба што утре ќе ја подготвам за нив, и тогаш ќе постапам според царскиот збор.“ Во тој ден Аман излезе среќен и со задоволно срце, но се расрди многу на Мардохеја кога виде дека при царската врата не стана ниту се помрдна пред него. Аман се совлада сепак. Отиде дома и испрати по своите пријатели и по својата жена Сереса. Им раскажуваше за блесокот на своето богатство, за мноштвото свои синови и за сѐ она со што царот го возвеличи и со што го издигна над сите свои кнезови и службеници. Аман уште додаде: „И царицата Естира не повика покрај царот никој друг, освен мене на гозбата што ја подготвила. И утре покрај царот само јас сум нејзин гостин. Но сѐ тоа не може да ме направи среќен додека го гледам Евреинот Мардохеј како седи при царевата врата.“ Неговата жена Сереса му рече, и сите негови пријатели: „Направи бесилка висока педесет лакти. Утре наутро побарај од царот нека го обесат на неа Мардохеја. Потоа оди среќен со царот на гозба.“ Советот му се виде добар на Амана, па тој нареди да се направи бесилката.