Лого на YouVersion
Икона за пребарување

Естира 4:1-17

Естира 4:1-17 MK2006

Кога Мардохеј дозна за сѐ што се правеше, ја раскина облеката, стави врз себе вреќиште и пепел, излезе среде градот и викаше силно и со огорченост: „Се истребува народ во ништо необвинет.“ И дојде до царската порта и запре, бидејќи не можеше да влезе со вре­ќиште и со пепел. Исто така и во секоја област и мес­то, каде и да пристигнеше запо­ведта на царот и повелбата негова, настануваше голема тага кај Јудеј­ците и пост и пла­чење и викање; вре­ќиштата и пепелта им служеа како постела на мнозина. Дојдоа слугинките и дворјаните на Естира и ѝ раскажаа сѐ; царицата силно се возбуди. Таа испрати облека да го преоблечат Мардохеј и да го симне од себе вреќиштето. Но тој не ги прими. Тогаш Естира го повика Хатах, еден од евнусите на царот, кого тој го беше одредил да биде покрај неа, и го испра­ти кај Мардохеј да дознае: што значи тоа и зошто е? Хатах отиде кај Мардохеј на градскиот плоштад што беше пред царската порта. Мардохеј му раскажа за сѐ што се беше случило со него, и за определеното количество сребро, што Аман го бе­ше ветил да го одмери во царската риз­ница за да бидат истребени Јудејците; и му врачи препис од повелбата, објавена во Суза, за истребувањето нивно за да ѝ ја покаже на Естира, та таа да дознае за сѐ; притоа ѝ порача да оди кај царот и да му се моли за својот народ. Хатах дојде и ѝ ја предаде на Естира пораката на Мардохеј. И му рече Естира на Хатах, испраќајќи го, да му каже на Мардо­хеј: „Сите слуги кај царот и народите во царските области знаат дека секој, било тоа маж или жена, што ќе влезе кај царот од внатрешниот двор, а да не е повикан, го очекува една пресуда – смрт; само оној, кон кого царот ќе го пружи својот златен жезол, останува жив. А јас не сум повикана кај царот еве веќе триесет дена.“ И му ги пренесоа на Мардохеј зборовите на Естира. Мардохеј во одговор ѝ рече на Естира: „Не мисли дека ти единствена од сите Јудејци ќе се спасиш во цар­скиот дом. Ако ти премолчиш во ова време, тогаш слободата и спасението на Ју­дејците ќе дојде од друго место, а ти и домот на таткото твој ќе загинете. И кој знае, дали токму за вакво време не си достигнала царско достоинство?“ А Естира му одговори на Мар­дохеј, велејќи: „Оди, собери ги сите Јудејци што се наоѓаат во Суза, и постете за мене, и не јадете, и не пијте три дена, ни дење ни ноќе, и јас со слугите свои исто така ќе постам и потоа ќе одам кај царот, иако е тоа и против зако­нот, па ако загинам – нека загинам.“ Тогаш отиде Мардохеј и направи, како што му порача Естира.

Бесплатни планови за читање и побожни текстови поврзани со Естира 4:1-17

YouVersion користи колачиња за да го персонализира вашето искуство. Со користење на нашата веб-страница, ја прифаќате употребата на колачиња како што е опишано во нашата Политика за приватност