Кога Господ, твојот Бог, ќе те воведе во земјата, во која ти одиш, за да ја освоиш, и ќе ги изгони од пред тебе многубројните народи: Хитијците, Гергесејците, Аморејците, Хананците, Перизијците, Евејците и Јевусијците, – седум народи, што се побројни и посилни од вас. И кога ќе ти ги предаде Господ, твојот Бог, во рацете твои, и ти ќе ги разбиеш, – тогаш предај ги на проклетство: не прави со нив сојуз и немој да ги поштедуваш; и не се ородувај со нив: ќерката своја не ја давај на синот негов, и ќерката негова не земај ја за синот твој, зашто тие ќе ги одвратат синовите твои од Мене, за да им служат на други богови; тогаш ќе се разгори врз вас гневот на Господ и Тој ќе ве истреби. Но постапете со нив вака: жртвениците нивни разрушете им ги, столбовите нивни разбијте ги, Ашерите нивни исечете ги и идолите нивни со оган изгорете ги; зашто ти си свет народ на Господ, твојот Бог; тебе те избра Господ, твојот Бог, за да бидеш негов сопствен народ меѓу сите народи, што се на земјата.