И го свртев лицето свое кон Господ Бог со молитва и со молба, во пост, во вреќиште и пепел. И Му се молев на Господ мојот Бог, се исповедав и Му реков: „Те молам, Господи, Боже Велики и чудесен, Кој пазиш на заветот и имаш милост за оние кои Те сакаат и кои ги пазат Твоите заповеди! Згрешивме, вршевме беззаконија, дејствувавме нечесно, се противевме и отстапивме од Твоите заповеди и од Твоите наредби и не ги слушавме Твоите слуги, пророците, кои им зборуваа од Твое име на царевите наши и на достоинствениците наши, на татковците наши и на сиот народ од земјата. Во Тебе, Господи, има правда, а во нас – срам на лицата, како што е денес кај секој Јудеец, меѓу жителите на Ерусалим и во сиот Израел, и кај ближниот и кај далечниот, по сите краишта каде што си ги прогонил заради нивното отстапништво, со кое отстапија од Тебе. Господи, кај нас на лицата наши има срам, кај царевите наши, кај кнезовите наши и кај татковците наши, зашто згрешивме пред Тебе. А кај Господ, нашиот Бог, има милосрдност и проштевање, бидејќи ние се одметнавме од Него. И не го слушавме гласот на Господ, нашиот Бог за да постапиме според Неговите закони што ни ги даваше преку своите слуги – пророците. И сиот Израел го престапи Твојот закон и се одврати, не слушајќи го Твојот глас; па затоа врз нас се излеа проклетство и клетва, што се напишани во законот Мојсеев, слугата Божји; зашто згрешивме пред Него. И Тој ги изврши заканите Свои што ги кажа против нас и против нашите судии, кои нѐ судеа, испраќајќи против нас голема несреќа каква што немало под небесата, каква што се извршува над Ерусалим. Како што е напишано во законот Мојсеев, така нѐ постигна сето тоа зло; но не Го молевме Господа, нашиот Бог, не се обративме од беззаконијата свои за да ја разбереме Твојата вистина. Господ беше подготвен за тоа зло и го испрати врз нас; зашто праведен е Господ нашиот Бог во сите Свои дела што ги врши, но ние не го слушавме гласот Негов. И сега, Господи, Боже наш, Ти што го изведе народот Свој од земјата египетска со силна рака, Ти ја покажа славата Своја што се памети до денес; згрешивме, постапивме нечесно. Господи, по сета Твоја правда нека се одврати гневот Твој и јароста Твоја од Твојот град Ерусалим, од Светата Твоја Гора; зашто поради гревовите наши и поради беззаконијата на татковците наши Ерусалим и народот Твој е за потсмев кај сите што нѐ опкружуваат. А сега чуј ја, Боже наш, молитвата на Твојот слуга и неговото усрдно молење, па заради Тебе, Господи, погледај со светлото Твое лице на опустошеното Твое светилиште. Приклони го, Боже мој, увото Свое и послушај, отвори ги очите Свои и погледај ги нашите пустоши и градот, во кој се призива името Твое; зашто ние ги принесуваме молењата свои пред Тебе, надевајќи се не на нашата праведност, туку на Твојата голема милосрдност. Чуј Господи, Господи прости ни, Господи погледај и изврши, не колебај се поради Самиот Тебе, Боже мој, зашто името Твое се призива во Твојот град и во Твојот народ!“