Лого на YouVersion
Икона за пребарување

Даниел 5:17-30

Даниел 5:17-30 MK2006

Тогаш Даниел одговори и му рече на царот: „Даровите нека ти останат тебе, а почестите дај му ги на друг; а напишаното ќе му го прочитам на царот и значењето ќе му го објаснам. Царе, Севишниот Бог беше му да­рувал на татко ти Навуходоносор царство, величие, чест и слава. Пред величието што му го беше дал Тој, сите народи, племиња и јазици трепереа и се плашеа – кого сакаше го убиваше и кого сакаше – го оставаше жив; кого сакаше го издигаше, и кого сакаше го понижуваше. А кога срцето негово се возгордеа и духот негов се ожесточи во дрскост, тој беше симнат од царскиот престол и славата му беше одземена, а беше прогонет од луѓето и срцето негово заприлега на ѕверско, и живееше со дивите магариња; го хранеа со трева како вол, а телото негово се наквасуваше од небеската роса, сѐ додека не разбра дека над човечките царства владее Севишниот Бог и поставува над нив, кого сака. А ти сине негов, Валтазаре, не покажа понизност, иако го знаеше сето тоа. Туку се подигна против Небесниот Господ и садовите од Неговиот дом ти ги донесоа, па ти и твоите великодостој­ници, твоите жени и конкубини пиевте од нив вино и ги славевте боговите среб­рени и златни, бакарни и железни, дрвени и камени, кои не гледаат, ни слушаат, ниту разбираат; а Бог, во чии раце е и твојата душа и во Кого се сите твои патишта, ти не Го прослави. Заради тоа и се појавија од Него тие прсти од рака и е напишано ова писмо. А еве што е напишано: Мене, Мене, Текел, Парсин. А еве го значењето на зборовите: Мене – го изброи Бог царството твое и му стави крај; Текел – измерен си на кантар и се најде многу лесен; Парсин – царството ти е разделено и дадено им е на Мидијците и Персиј­ците.“ Тогаш по заповед на Валтазар го облекоа Даниел во пурпур и му ставија околу вратот златна веришка, па го прогласи за трет великодостојник во царството. Во истата ноќ Валтазар, царот халдејски, беше убиен.