Во третата година на персискиот цар Кир дојде откровение до Даниел, кој се викаше Валтазар, и вистинско беше тоа откровение и со голема сила. Тој го разбра тоа откровение и го објасни тоа видение. Во тие дни јас, Даниел, тагував цели три седмици. Богата храна не јадев; месо и вино не влезе во устата моја, и не се мачкав со масла додека не завршија трите седмици. А во дваесет и четвртиот ден од првиот месец, се најдов покрај брегот на големата река Тигар; ги кренав очите угоре и видов: ете еден човек, облечен во ленена облека, а крстот му беше препашан со офирско злато. Телото негово изгледаше како топаз, лицето – како светкавица – очите му беа како запалени светила, рацете негови и нозете негови изгледаа како сјаен бакар и гласот на зборовите негови како глас на многу луѓе. И само јас, Даниел, го видов тоа видение, а луѓето што беа со мене не го видоа тоа видение; но страв голем ги обзеде, и тие избегаа за да се сокријат. Останав сам и го гледав тоа големо видение, но во мене не остана сила и лицето ми пребледе многу, не остана во мене бодрост. И го чув гласот на зборовите негови; и штом го чув гласот на зборовите негови, ненајдено паднав во несвест и лежев со лицето кон земјата. Но ете, рака една се допре до мене и ме исправи на колената мои и на дланките од рацете мои. Па ми рече тој: „Даниеле, сакан човеку, задлабочи се во зборовите што ќе ти ги кажам, и исправи се на нозете свои, зашто кај тебе сум денеска испратен.“ Штом ми ги кажа тие зборови, јас станав растреперен. Но тој ми рече: „Не бој се Даниеле! Од првиот ден кога го управи срцето свое за да постигнеш разбирање и да се понизиш пред твојот Бог, зборовите твои беа услишени, и јас сакав да дојдам според зборовите твои. Но кнезот на персиското царство ми се противеше дваесет и еден ден; но Михаил, еден од првите кнезови, дојде да ми помогне зашто јас бев таму сам, кај персискиот цар. А сега дојдов да ти соопштам, што ќе се случи со твојот народ во последните времиња, зашто видението се однесува за далечни дни.“ Додека ми зборуваше такви зборови, јас гледав во земјата, без да изустам збор. Но ете, еден сличен на синовите човечки се допре до усните мои и јас ја отворив устата своја, почнав да зборувам и му реков на оној што стоеше пред мене: „Господаре мој, од ова видение утробата во мене се преврте и во мене не остана сила. Па како може слугата Твој, Господи, да зборува со мојот Господар? Зашто во мене нема сила, и останав без здив.“ Тогаш пак се допре до мене тој човечки лик, ме поткрепи и рече: „Не бој се, сакан човеку, мир да имаш; охрабри се, охрабри се!“ и кога зборуваше тој со мене, јас се закрепив и реков: „Зборувај, Господи мој, зашто ти ме поткрепи.“ И тој ми рече: „Знаеш ли зошто дојдов кај тебе? сега ќе се вратам за да се борам со персискиот кнез; а штом ќе завршам, ќе дојде кнезот на Јаван. Но јас ќе ти соопштам што е напишано во вистинското писмо; и нема никој друг, што ќе ми помогне во тоа, освен Михаил, вашиот кнез.“