А Савле, дишејќи уште со застрашувања и убиства против учениците на Господа, дојде кај првосвештеникот и побара од него писма за синагогите во Дамаск, така што, ако таму најде некои што го следат овој пат, мажи и жени, врзани да ги доведе во Ерусалим. Но, додека по патот наближуваше до Дамаск, наеднаш го обзеде светлина од небото, и, откако падна на земја, слушна глас што му зборуваше: „Савле, Савле, зошто Ме гониш?“ А тој одговори: „Кој си Ти, Господине?“ А Господ му рече: „Јас сум Исус, Кого Го гониш.“ (Тресејќи се од страв и ужас, тој праша: „Господи, што сакаш да направам?“ А Господ му рече:) „Стани и влези во градот; и ќе ти се каже што треба да правиш!“ А луѓето, што одеа по него, стоеја занемени од вчудовиденост, зашто слушаа глас, а никого не гледаа. Савле стана од земјата и, макар што му беа очите негови отворени, ништо не гледаше: и водејќи го за рака, го одведоа во Дамаск. И три дена остана слеп, и ништо не јадеше, ниту пиеше.