Лого на YouVersion
Икона за пребарување

Дела 16:16-34

Дела 16:16-34 MK2006

Еднаш, кога одевме на молитва, по патот нѐ сретна една слугинка, која имаше гатачки дух. Таа на господарите свои им донесуваше големи приходи од гатањето. И одејќи по Павле и по нас другите викаше, зборувајќи: „Овие луѓе се слуги на Севишниот Бог! Тие го навестуваат патот на спасението.“ Ова го правеше таа многу дни. И кога му здодеа на Павле, тој се сврте и му рече на духот: „Ти заповедам во име­то на Исус Христос излези од неа!“ И излезе во истиот час. Штом видоа господарите нејзини дека пропадна надежта за нивното бо­га­тење, ги фатија Павле и Сила, и ги довлечкаа на плоштадот кај начал­ни­ци­те. И кога ги приведоа пред управ­ни­ци­те, рекоа: „Овие луѓе, што се Јудејци, го бунтуваат нашиот град и проповедаат обичаи што нам, ка­ко Римјани, не ни доликува ни да ги примаме, ниту да ги извршуваме.“ Тогаш се нафрли на нив народот; а управниците, штом им ги раскинаа али­ш­тата, започнаа да ги тепаат со ста­по­ви; и, откако ги испотепаа многу, ги фрлија в затвор, а на затворскиот стра­жар му наредија да ги чува добро. А стражарот, штом прими таква за­повед, ги фрли во повнатрешниот дел од затворот и нозете им ги стегна во клада. На полноќ, пак, Павле и Сила се молеа и Го славеа Бога, а затво­ре­ни­ци­те ги слушаа. Одеднаш настана голем потрес, та­ка што и темелите на затворот се по­местија, и веднаш се отворија сите вра­ти и оковите на сите отпаднаа. А стражарот на затворот, кога дој­де при свест и ги виде вратите на зат­во­рот отворени, извади меч и сакаше да се убие, зашто помисли дека затво­ре­ни­ци­те избегале. Но, Павле викна со силен глас и ре­че: „Не задавај си врз себе никакво зло, бидејќи сите сме овде!“ А тој побара светло, истрча и растре­перен падна пред Павле и Сила; па, откако ги изведе надвор, рече: „Господари, што треба да направам, па да се спасам?“ А тие му одговорија: „Поверувај во Господ Исус Христос, и ќе се спасиш ти и целиот твој дом!“ И му го проповедаа словото Гос­по­дово нему и на сите што беа со него во куќата негова. Во истиот час таа ноќ тој ги прими дома и им ги изми раните. Потоа вед­наш беше крстен тој самиот и сите не­гови домашни. Тогаш ги одведе горе во својата ку­ќа, постави трпеза и се зарадува со це­лиот свој дом, зашто поверува во Бога.