Тогаш апостолите и старешините заедно со целата Црква одлучија да ги изберат меѓу себе Јуда, наречен Варнава, и Сила, истакнати мажи меѓу браќата, и заедно со Павле и Варнава да ги пратат во Антиохија. И со своите раце им го напишаа следново писмо: „Апостолите, свештениците и браќата ги поздравуваат браќата од нееврејските народи што се во Антиохија и Сирија и Киликија. Сме слушнале дека некои од нас, на кои ништо не сме им заповедале со зборови, ве вознемириле, и ги потресле душите ваши, велејќи ви да се обрезувате и да го пазите Законот. Затоа, откако се собравме, еднодушно одлучивме да избереме луѓе и да ги пратиме кај вас заедно со нашите омилени Варнава и Павле, луѓе, кои ги предадоа душите свои за името на нашиот Господ Исус Христос. И така, ние ви ги пративме Јуда и Сила, кои ќе ви го кажат тоа и усмено. Зашто Светиот Дух и ние одлучивме да не ви ставаме на вас никаков друг товар, освен она што е потребно: да се воздржувате од месо принесено како жртва на идоли, од крв, од удавено, и од блудство. Ако внимавате на ова, добро ќе направите. Бидете здрави!“ И така испратени, тие дојдоа во Антиохија и кога го собраа народот, му го предадоа посланието. А кога го прочитаа, се зарадуваа поради утешниот збор. Јуда, пак, и Сила, кои и самите беа пророци, со многу зборови ги утешија браќата и ги поткрепија. Откако престојуваа таму некое време ги пуштија браќата со мир кај оние што ги испратија. (Сила одлучи да остане, а само Јуда замина.) Павле, пак, и Варнава се задржаа во Антиохија, поучувајќи и благовестувајќи го словото Господово заедно со мнозина други.
По некое време Павле му рече на Варнава: „Да појдеме пак во сите градови, каде што го проповедавме словото Господово за да ги видиме како живеат.“ Варнава предложи да го земат со себе и Јован, наречен Марко. Но Павле сметаше дека не доликува да го земат со себе оној, што се беше одделил од нив во Памфилија и не беше пошол со нив по работата, за која беа пратени. Поради тоа дојде до жестока расправија, така што тие се разделија еден од друг; и Варнава, откако го зеде Марко, отплови за Кипар; а Павле, пак, го избра Сила и замина, од браќата предаден на Божјата благодат.
И, минувајќи низ Сирија и Киликија, ги утврдуваше црквите.