Лого на YouVersion
Икона за пребарување

Дела 12:1-25

Дела 12:1-25 MK2006

Во тоа време цар Ирод стави рака на некои од Црквата, и почна да ги измачува. Со меч го уби Јакова, братот Јо­ва­нов. А кога виде дека тоа им се допаѓа на Јудејците, го фати и Петар. Тоа беше за време на Бесквасници. Него, кога го фати, го фрли в затвор предавајќи го на четири групи по че­ти­ри војници да го пазат. Неговата намера беше веднаш по Пасхата да го изведе пред народот. И така, додека Петар го пазеа во затворот, Црквата непрестано Му се молеше на Бога за него. Ноќта, спроти денот кога Ирод сакаше да го изведе, Петар спиеше меѓу двајца војници, окован во два пара ланци, а стражарите пред портата го чуваа затворот. И, ете, ангел Господов застана, и светлина блесна во затворот. Ангелот го потчукна Петар по ребрата и го разбуди, па му рече: „Стани брзо!“ И оковите му паднаа од рацете негови. Тогаш ангелот му рече: „Препашај се и обуј си ги чевлите!“ Така и на­пра­ви. И пак му рече: „Облечи ги алиш­та­та свои и оди по мене!“ И излезе и тргна по него, а не зна­еше дека тоа, што го направи ангелот, е вистина, туку си мислеше дека гледа привид. Откако ја изминаа првата и втората стража, дојдоа до железната порта, што водеше кон градот, а таа им се отвори сама. Тие излегоа и преминаа преку ед­на улица, и во тој час ангелот го снема. Тогаш Петар, откако дојде на себе, си рече: „Сега знам дека навистина Гос­под го пратил Својот ангел да ме избави од рацете Иродови и од сѐ, што оче­ку­ваше јудејскиот народ.“ Сфаќајќи го тоа, тој дојде до куќата на Марија, мајката на Јован, наречен Марко, каде што беа собрани многумина на молитва. А кога Петар затропа на портата, слугинката по име Рода пријде да наслушне. И, штом го позна гласот на Петар, таа од радост не ја отвори портата, туку се втрча и јави дека Петар стои пред портата. А тие ѝ рекоа: „Луда ли си ти?“ Но таа потврдуваше дека тоа е така. А тие велеа: „Тоа е сигурно неговиот ангел.“ Петар, пак, постојано чукаше. А кога му отворија, го видоа и се зачудија многу. Тој им мавна со раката да молчат, а потоа им раскажа како Господ го извел од затворот, и рече: „Соопштете му за ова на Јаков и на браќата!“ Потоа из­ле­зе и отиде на друго место. Утредента меѓу војниците настана голема вознемиреност поради тоа што се случило со Петар. А Ирод, кој испрати потера по него, но не успеа да го пронајде, откако ги ис­пита стражарите, заповеда да ги погубат. Потоа тој слезе од Јудеја во Кеса­рија, и таму се задржа. Ирод беше гневен на Тирците и Си­донците. Но тие, бидејќи нивните земји добиваа храна од неговото царство, се договорија и дојдоа кај него еднодушни, и откако го придобија на своја страна Власта, царевиот собар, побараа мир. Во договорениот ден Ирод, облечен во царска облека, седна на престолот и одржа говор пред народот. А народот воскликнуваше: „Ова е глас Божји, а не човечки.“ Но ненадејно во истиот миг ангел Господов, силно го удри, зашто не Му воздаде слава на Бога. И, изеден од цр­ви, тој умре. А словото Божјо сѐ повеќе растеше и се распространуваше. Варнава и Савле, откако го исполнија задолжението, од Ерусалим се вра­тија во Антиохија, од каде што го зедоа со себе и Јован, наречен Марко.