Тогаш тие се вратија во Ерусалим од планината, наречена Маслинова, која се наоѓа близу до Ерусалим, колку еден саботен ден одење. И кога дојдоа, се искачија во горната одаја, каде што престојуваа Петар и Јаков, Јован и Андреј, Филип и Тома, Вартоломеј и Матеј, Јаков Алфеев и Симон Зилот и Јуда Јаковов. Тие сите еднодушно беа постојано во молитва и молење заедно со некои жени и со Марија, мајката на Исус, и со браќата Негови. И во тие дни Петар стана меѓу браќата (а беа се собрале околу сто и дваесет души) и рече: „Мажи браќа! Требаше да се исполни напишаното што го беше претскажал Светиот Дух преку устата Давидова за Јуда, водачот на оние што Го фатија Исус, зашто тој беше вброен меѓу нас и беше примил дел од оваа служба; но со неправедна награда тој стекна нива и, откако падна ничкум, прсна по средината, и се истури целата негова утроба. И тоа им стана познато на сите жители во Ерусалим дека таа нива се нарече на нивниот јазик Акелдама, што значи ‚крвна нива‘. Зашто во книгата на Псалмите е напишано: ‚Домот негов да запусти и никој во него да не живее, епископството негово друг да го прими.‘ И така, еден од оние луѓе што беа со нас за сето време, откако дојде и си замина од нас Господ Исус, почнувајќи од крштавањето Јованово па до денот кога се вознесе од нас, треба да биде сведок со нас за Неговото воскресение.“ И поставија двајца: Јосиф, наречен Варнава, а по прекар Јуст, и Матиј; потоа се помолија и рекоа: „Ти, Господи, Кој ги познаваш срцата на сите, покажи од овие двајца еден, кого си го избрал