2 Солуњаните Вовед
Вовед
Во Второто послание до Солуњаните, апостол Павле повторно се навраќа на веќе поставеното прашање во првото послание: проблемот околу славното Христово доаѓање. Овој проблем и понатаму ги вознемирува христијаните од Солун. Некои меѓу нив ги убедуваат другите дека денот е веќе дојден (2,2), додека други одбиваат да работат поради опасноста што се заканува од крајот на времињата и живеат зависни од лицата што работат (3,6-12). Посланието има за цел да ги исправи погрешните замисли кои ѝ создаваат неволји на црквата во Солун.
Апостолот започнува со благодарност кон Бога за верата и љубовта со која христијаните од Солун веќе се докажаа. Истовремено, тој Го моли Господ да им додели долготрпение и истрајност во службата за која се повикани (1,1-12). Веднаш потоа тој минува на централната содржина на посланието, односно, поучувањето во врска со славното доаѓање Христово. А ова нема да дојде пред да се појави една мистериозна личност, предводена од сатаната, која ќе го донесе од своја страна бунтот против Бога и спротивставувањето на Христос (2,1-12). Соочени со нападите на силата на злото, станува неопходно верниците да живеат цврсти во нивната верност кон Евангелието и непрестано да се молат (2,13–3,5). Веднаш потоа апостолот енергично се завзема против однесувањето на мрзливците и им го посочува примерот на оние кои работат, за да не му бидат никому на товар (3,6-15). Благословот и поздравите го сочинуваат и краткиот заклучок на посланието (3,16-18).
Славната изрека „Кој не сака да работи, не треба повеќе ни да јаде“, (3,10) го прави читателот претпазлив после прочитувањето на ова послание.
Селектирано:
2 Солуњаните Вовед: MK2006
Нагласи
Сподели
Копирај
Дали сакаш да ги зачуваш Нагласувањата на сите твои уреди? Пријави се или најави се
© Библиско Здружение на Р. Македонија 2006
© Bible Society of the Republic of Macedonia 2006