Лого на YouVersion
Икона за пребарување

2 Царевите 9:1-37

2 Царевите 9:1-37 MK2006

Пророкот Елисеј повика еден од пророчките синови и му рече: „Препашај си ја половината, земи го в рака овој сад со масло, па оди во Рамот Галаадски. Кога ќе дојдеш таму, најди го таму Јуј, синот на Јосафат, син Нимшиев, пристапи и кажи му да излезе меѓу своите браќа и воведи го во внатреш­ната соба; тогаш земи го садот со масло, излиј го врз главата негова и кажи: вака вели Господ: ‚Те помазувам за цар над Изра­ел.‘ Потоа отвори ја вра­тата, па бегај и не чекај.“ Момчето, слуга на пророкот, отиде во Рамот Галаадски. И кога пристигна, ете, заповедници­те на војските испоседнале, а тој рече: „Имам нешто да ти кажам, заповеднику.“ Јуј праша: „Кому од нас?“ Тој одговори: „Тебе, заповеднику.“ Јуј стана и влезе в куќи. И момчето го изли маслото врз главата негова и му рече: „Вака вели Господ, Бог Израелов: ‚Те помазувам за цар над народот Господов, над Израел,‘ и ти ќе го истребиш домот на Ахав, твојот господар за да се одмаздам за крвта на Моите слуги – пророците, и за крвта на сите слуги Господови, паднати од раката на Језавела; и ќе изгине целиот дом на Ахав, и ќе погубам во домот на Ахав сѐ што е машко, и оние што се во ропство, и оние што се на слобода во Израел, и ќе постапам кон домот на Ахав ка­ко што постапив со домот на Јеровоам, синот на Нават, и со домот на Баша, синот на Ахија. А Језавела кучиња ќе ја изедат на јизреелското поле, и никој нема да ја погребе.“ Па ја отвори вратата и избега. И отиде Јуј кај слугите на господарот свој, и тие му рекоа: „Со мир ли? Зошто дојде тој безумник кај тебе?“ И им кажа: „Вие го знаете тој човек и што зборуваше.“ И рекоа: „Не е вистина, кажи ни.“ А тој рече: „Тоа и тоа ми кажа, велејќи: вака вели Господ: ‚Те пома­зувам за цар над Израел.‘“ Тогаш тие побрзаа и секој си ја зеде својата наметка, и му послаа пред него по скалите, затрубија со труба и рекоа: „Јуј стана цар.“ И стана Јуј, синот на Нимшие­виот син Јосафат, против Јорам, а Јорам се наоѓаше со сите Израелци во Рамот Галаадски на стража против арамеј­скиот цар Азаил. Во тоа време царот Јорам се беше вратил да се лекува во Јизреел од ра­ните што му ги нанесоа Арамејците, кога војуваше против царот Азаил. И Јуј им рече: „Ако сте согласни со мене, никој нека не излегува од градот за да оди да извести во Јизреел.“ Јуј се качи на својата кола и тргна за Јизреел, каде што лежеше Јорам, и каде што беше дошол јудејскиот цар Охозија за да го посети Јорам. На кулата во Јизреел стоеше стра­жар, и го здогледа Јехуевото мноштво, кога доаѓаше, и рече: „Многу луѓе гледам.“ И Јорам му рече: „Земи коња­ник, испрати им го во пресрет и нека праша: ‚Со мир ли доаѓате?‘“ И излезе коњаникот на коњ за да ги пресретне и рече: „Вака вели царот: – со мир ли доаѓате?“ И одговори Јуј: „Што ти е тебе – дали со мир доаѓам? Тргнувај по мене.“ И стражарот јави и рече: „Стигна до нив, но не се враќа.“ Испратија друг коњаник; тој отиде кај нив и рече: „Вака вели царот: – со мир ли доаѓаш?“ И рече Јуј: „Што ти е тебе – со мир ли доаѓам? Тргнувај по мене.“ Стражарот пак јави и рече: „Стигна до нив, но не се враќа. А возењето, се чини, како да е на Нимшиевиот син Јуј, зашто тој вози така лудо.“ Јорам рече: „Впрегнувај.“ И ја впрегнаа колата негова. Излегоа изра­елскиот цар Јорам и јудејскиот цар Охозија, секој на својата кола. Излегоа да го пресретнат Јуј, и се сретнаа со него во нивата на јизреелецот Навутеј. Кога Јорам го виде Јуј, рече: „Со мир ли, Јуј?“ Тој одговори: „Каков мир при блудството на мајка ти Језа­вела и при многуте нејзини магии?“ Тогаш Јорам се сврте и избега, ве­лејќи му на Охозија: „Предавство, Охозија!“ А Јуј го оптегна со раката лакот и го удри Јорам меѓу плешките негови, и стрелата го прободе срцето негово, и тој падна во колата своја. Тогаш Јуј му рече на својот заповедник Бидкар: „Земи, та фрли го во нивата на јизреелецот Навутеј, зашто сети се кога ние со тебе одевме двајцата зад татко му Ахав, и како Гос­под изрече врз него вакво про­роштво: ‚Навистина Јас ја видов вчера крвта на Навутеј и крвта на синовите негови, велеше Господ, и ќе ти се одмаздам во таа нива.‘ И така, земи, та фрли го во нивата, според словото Господово.“ Јудејскиот цар Охозија, кога го виде тоа, избега по патот кон куќата што беше во градината. И се спушти по него Јуј и рече: „Удрете го и него во колата.“ Тоа стана на ритчето Гур, близу до Јивлеам. И тој избега во Мегидо, и таму умре. Слугите негови го пренесоа во Еру­салим и го погребаа во гробницата не­гова, кај неговите предци, во Давидо­виот град. Беше единаесеттата година од вла­деењето на Јорам, синот на Ахав, кога во Јудеја стана цар Охозија. Јуј пристигна во Јизреел. А Језавела, откако слушна за тоа, стави црвило на лицето свое, ја накити главата своја и гледаше низ прозорецот. Штом Јуј влезе во портите, таа праша: „Дали носиш мир за Замвриј, убиецу на својот господар?“ Тој ги крена очите кон прозорецот и праша: „Кој е со мене, кој?“ И го свртеа погледот кон него двајца-тројца дворски слуги. Тогаш тој им рече: „Фрлете ја!“ Тие ја фрлија, и крвта ѝ се разлеа по ѕидот и по коњите, и ја изгазија. И кога дојде Јуј, јадеше, пиеше и рече: „Најдете ја онаа проклетница и погребете ја, бидејќи е царска ќерка.“ Отидоа да ја погребат, но од неа не најдоа ништо, туку само черепот, нозете и шаките од рацете. Се вратија и му соопштија, а тој рече: „Такво беше словото на Господ што го изрече Тој преку слугата Свој Илија од Тишбе, велејќи: ‚Трупот на Језавела ќе го изедат кучиња на Јиз­реелското поле. Језавелиниот труп ќе биде на Јизреелското поле како ѓубре на нива, та никој не ќе може да каже: „ова е Језавела.“‘“