Во неговите дни се крена вавилонскиот цар Навуходоносор; и Јоаким му стана потчинет за три години, но подоцна се одметна од него. И Господ испрати против него мноштво Халдејци, и многу Арамејци, и многу Моавци, и многу од синовите Амониеви, – ги испрати против Јуда за да го погуби, според словото на Господ што го беше рекол преку Своите слуги – пророците. Тоа стана со Јуда по заповед на Господ за да го отфрли од лицето Свое за гревовите на Манасија, за сѐ она што тој го беше извршил; и за невината крв што ја пролеа, исполнувајќи го Ерусалим со невина крв, Господ не сакаше да прости. Другите работи за Јоаким и за сѐ она што тој го беше извршил, опишано е во летописите на јудејските цареви. И почина Јоаким кај предците свои, а наместо него стана цар неговиот син Јехониј. Египетскиот цар веќе не излегуваше од својата земја, зашто вавилонскиот цар беше презел сѐ, од египетскиот поток до реката Еуфрат што му припаѓаше на египетскиот цар.
Јехониј беше на осумнаесет години кога стана цар, и царуваше три месеци во Ерусалим; мајка му се викаше Нехушта, ќерка на Елнатан, од Ерусалим. И тој го правеше она што не беше угодно пред очите на Господ, во сѐ онака, како што тоа го правеше татко му. Во она време слугите на вавилонскиот цар Навуходоносор настапија кон Ерусалим, и градот беше опколен. Вавилонскиот цар Навуходоносор дојде до градот што слугите негови го опседнаа. Тогаш јудејскиот цар Јехониј отиде кај вавилонскиот цар – тој, и мајка му, и слугите негови, кнезовите негови, и дворјаните негови, – и го зароби вавилонскиот цар во осмата година од царувањето свое, и изнесе сѐ од ризниците на домот Господов и од ризниците на царскиот дом; и ги здроби, како што беше рекол Господ, сите златни садови, што Соломон, царот Израелов, ги беше направил за храмот Господов; и го исели целиот Ерусалим, и сите кнезови, и сета храбра војска – беа преселени десет илјади, – и сите дрводелци и ковачи; никој не остана, освен сиромасите на таа земја. Тој го пресели Јехониј во Вавилон; исто така и мајка му на царот, и жените на царот, и големците негови, и големците на земјата ги одведе од Ерусалим за да ги насели во Вавилон. И сета војска, на број седум илјади, и ковачи и бравари – илјада; сите јунаци, способни за војна, ги одведе вавилонскиот цар за да ги насели во Вавилон. И вавилонскиот цар го направи цар Матанија, стрикото на Јехониј, место него, и му го промени името во Седекија. Седекија беше на дваесет и една година, кога стана цар, и царуваше единаесет години во Ерусалим; мајка му се викаше Хамутал, ќерка на Еремија, од Ливна. И тој го вршеше она што не беше угодно пред очите на Господ, во сѐ онака како што го правеше тоа Јоаким. Гневот на Господ над Ерусалим и над Јудеја беше толку голем што Тој ги отфрли од лицето Свое. И Седекија се одметна од вавилонскиот цар.