Ех, да бевте потрпеле малку од моето безумие! Да, потрпете ме! Зашто за вас сум љубоморен со Божја љубомора; зашто ве свршив за еден маж, за да ве претставам пред Христос како чиста девица. Но се плашам, како што змијата со своето лукавство ја измами Ева, да не се одвратат вашите мисли поради вашата искреност кон Христос. Зашто, ако некој дојдеше да проповеда друг Исус, кого ние не сме го проповедале; или, ако добиевте друг дух, кого не сте го добиле, или друго евангелие, кое не сте го примиле, вие добро ќе го поднесевте. Но јас мислам дека во ништо не сум помал од надапостолите. Иако сум прост во говорот, во знаењето не сум. А насекаде и по сѐ сме ви добро познати. Направив ли грев што, понизувајќи се себе за да ве издигнам вас, бесплатно ви Го проповедам Евангелието Божјо? Други цркви оштетив, добивајќи од нив издршка, да ви служам вам, и додека бев кај вас, иако бев со скудност, никому не дотежнав, зашто во немаштијата моја ми помогнаа браќата што дојдоа од Македонија. Па и во сѐ друго се пазев и ќе се пазам да не ви бидам на товар. Поради вистината Христова во мене, оваа пофалба никој нема да ми ја земе во краиштата ахајски. А зошто? Затоа ли што не ве сакам? Бог знае! Но, она што го правам, ќе го правам и понатаму за да не им дадам повод на оние, кои бараат повод, па да се изедначат со нас во она за кое се фалат. Зашто таквите луѓе се лажни апостоли, лукави работници, кои се преправаат во Христови апостоли. И не е за чудење! Па и самиот сатана се преправа во ангел на светлината; па затоа и не е големо нешто ако и служителите негови се преправаат како слуги на правдата; но нивниот крај ќе им биде според делата нивни.