Но кога стана силен, се возгордеа срцето негово за негово загинување, и тој стана престапник пред Господ, неговиот Бог, зашто влезе во храмот Господов за да запали темјан на кадилниот жртвеник. По него отиде свештеникот Азарија и со него осумдесет Господови свештеници, одлични луѓе; тие му се противставија на царот Озија и му рекоа: „Не е твоја работа, Озија, да Му кадиш на Господ; тоа е работа на свештениците, синови Аронови, посветени за кадење; излези од светилиштето, зашто направи престап, и тоа нема да ти биде за чест пред Господ Бог!“ Се налути Озија, – а во раката негова имаше кадилница за кадење, и кога се налути на свештениците, се појави лепра на челото негово, пред лицето на свештениците во домот Господов, при кадилниот жртвеник. Го погледна првосвештеникот Азарија и сите свештеници; и ете, имаше лепра на челото негово. Го принудија да излезе оттаму, па и самиот тој брзаше да се оддалечи, зашто го порази Господ. И остана лепрозен царот Озија до денот на смртта своја, и живееше во посебна куќа и беше отстранет од домот Господов. А Јотам, неговиот син, управуваше над царскиот дом и му судеше на народот во земјата. Другите дела Озиеви, од првите и до последните, ги опишал пророкот Исаија, син Амоцов. И почина Озија кај своите предци, и го погребаа кај предците негови во полето кај царските гробници, зашто велеа, тој е лепрозен. А наместо него стана цар синот негов Јотам.