Лого на YouVersion
Икона за пребарување

2 Летописи 24:1-16

2 Летописи 24:1-16 MK2006

Јоас беше на седум години, кога стана цар и царуваше во Еруса­лим четириесет години; мајка му се ви­каше Цивија, од Вирсавија. Јоас правеше она што беше угодно пред очите на Господ преку сите денови на свештеникот Јодај. Јодај му зеде две жени, и тој имаше од нив синови и ќерки. Потоа Јоас намисли да го обнови домот Господов, И ги собра свештениците и левитите и им рече: „Одете по градовите на Јудеја и секоја година собирајте од сите Израелци сребро за одржување на домот на нашиот Бог, и побрзајте во таа работа.“ Но левитите не побрзаа. И царот го повика Јодај, нивниот началник, и му рече: „Зошто не бараш од левитите да го донесуваат од Јудеја и Ерусалим данокот, уста­новен за скинијата на собранието од Мојсеј, слуга Господов, и од израелското собрание?“ Бидејќи нечестивата Готолија и синовите нејзини го беа разурнале до­мот Божји, и сѐ што беше посве­тено на домот Господов, го беа упо­требиле за Вааловци. Царот заповеда, та направија ковчег и го поставија кај влезот на домот Господов, однадвор, па разгласија по Јудеја и Ерусалим да Му Го принесуваат на Господ дано­кот, наложен од Мојсеј, слугата Божји, на Израелците во пустината. Се зарадуваа сите началници и сиот народ, па принесуваа и пуштаа во ков­чежето, додека не се наполни. И кога левитите, пак, го донесуваа ковчежето кај царските чиновици, и тие гледаа дека има многу сребро, доаѓаше царскиот писар и повереникот на прво­свештеникот, го празнеа и пак го однесуваа и го ставаа на истото место негово. Така правеа секој ден, и собраа мно­гу сребро. Царот и Јодај го предаваа на надгледниците по домот Господов, и тие најмуваа каменоресци и дрводелци за обновување на домот Господов, исто та­ка и ковачи и казанџии, за да го поправат домот Господов. Распоредниците работеа, и со нив­ните раце се изврши поправката, и го дотераа домот Божји во поранешна состојба и го поправија. И кога завршија сѐ, му го однесоа на царот и на Јодај останатото сребро. И направија од него садови за домот Господов, садови за служба и за сепаленици, чаши и други садови, златни и сребрени. И принесуваа сепаленици во домот Господов постојано преку сите денови на Јодај. Јодај откако остаре и, откако се насити од животот, умре; тој беше на сто и триесет години кога умре. Го погребаа во Давидовиот град кај царевите, бидејќи тој правеше добро во Израел – и за Бога и за домот Негов.