Јосафат живееше во Ерусалим. И пак почна да го обиколува народот свој од Вирсавија до Ефремовата Гора, и ги поврати кон Господ, Бог на нивните предци. И постави судии во земјата по сите утврдени градови на Јудеја, во секој град, па им рече на судиите: „Внимавајте што правите; вие вршите не суд човечки, туку суд Господов; во судската работа Бог е со вас. Затоа стравот Господов нека биде над вас: работете внимателно, зашто кај Господ, нашиот Бог, нема неправда, ни пристрасност, ниту поткупување.“ Јосафат и во Ерусалим постави некои левити и свештеници и старешини на домовите во Израел – за суд Господов и за тужби. И се вратија во Ерусалим. Тогаш им заповеда, велејќи: „Така работете со страв Господов, со верност и со чисто срце: во секоја расправија, каква што ќе дојде кај вас од браќата ваши, што живеат по градовите свои, било за крвнина, или за закон, заповед, уредба и обреди, објаснувајте им да не грешат пред Господ, та да не дојде гневот Негов врз вас и врз браќата ваши: така работете, и нема да згрешите. И ете, првосвештеникот Амарија е над вас за секоја Господова работа, а Зевадија, синот Јишмаелов, началник на Јудиниот дом – за секоја царска работа, а и левитите ќе ви служат како писари. Бидете цврсти и работете, и Господ ќе биде со добриот.“