Лого на YouVersion
Икона за пребарување

1 Тимотеј 6:1-21

1 Тимотеј 6:1-21 MK2006

Оние, кои се наоѓаат под јарем, робовите, господарите свои нека ги сметаат како достојни за секаква по­чест, за да не се хули името Божјо и учењето. Оние, пак, кои имаат господари што поверувале, нека не презираат зашто се верници; туку со поголема усрдност да служат, бидејќи тие што ги добиваат нивните услуги се верни и возљубени. Така поучувај и советувај! Кој поучува инаку и не оди по здра­вите зборови на нашиот Господ Исус Христос и според учењето за бла­го­чес­носта, тој е помрачен од горделивоста. Не знае ништо и е болен од празни препирки и распрашувања, од кои произлегуваат зависта, карањето, хулењето, ло­шите мисли; залудни препирки меѓу луѓето што имаат изопачен ум, лишени се од вистината; тие мислат дека побожноста слу­жи за трговија. Бегај од такви! А голема печалба е, навистина, да биде човек благочестив и задоволен со себе. Бидејќи ништо не сме донеле на светов, јасно е дека не можеме и ништо да однесеме. Но кога имаме храна и облекло, со тоа да бидеме задоволни. А оние што сакаат да се збогатуваат, паѓаат во искушение, во стапици и во многу неразумни и штетни страсти, што го потопуваат човекот во пропаст и погибел. Зашто коренот на сите зла е среброљубието, на што некои му се пре­да­доа, се отклонија од верата и си на­вле­коа многу маки. Но ти, човеку Божји, бегај од ова и стреми се кон праведноста, побожноста, верата, љубовта, трпеливоста и кротоста! Бори се со добриот подвиг на верата; освој го вечниот живот за кој си и повикан и си дал добра потврда пред многу сведоци. Ти заповедам пред Бога, Кој сѐ оживотворува, и пред Христос Исус, Кој ја посведочи добрата исповед пред Понтиј Пилат, да ја запазиш заповедта чиста и бес­прекорна сѐ до доаѓањето на нашиот Господ Исус Христос, кое, кога ќе му дојде времето, ќе Го открие блажениот и единствен Вла­де­тел, Цар над царевите и Господар над господарите, Кој е единствен бесмртен и живее во непристапна светлина, Кого никој од луѓето не Го видел, ниту може да Го ви­ди. Нему нека Му е чест и сила во сите векови. Амин! Заповедај им на богатите од овој свет да не се гордеат, ниту да се надеват во непостојаното богатство, туку на жи­виот Бог, Кој ни дава за наслада сѐ во изобилие; нека прават добро, нека се збогатуваат со добри дела, да бидат штедри и сочувствителни. И на таков начин да си собираат сокровиште – добра основа за иднината, за да постигнат живот вечен. О Тимотеје, пази го она што ти е предадено и бегај од нечисти и празни разговори и од расправии на лажната наука, на која некои ѝ се предадоа и се отклонија од верата. Благодатта нека биде со тебе. Амин.