1 Тимотеј 6:1-21
1 Тимотеј 6:1-21 Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик (MNT)
Христијаните кои се затекнале како робови треба искрено да ги почитуваат своите господари. Во спротивно, ќе дадат повод да се зборува лошо за Бог и за нашето учење. Оние, пак, чии господари се христијани не треба поради тоа помалку да ги почитуваат. Напротив, треба да им служат најдобро што знаат и умеат, бидејќи со тоа му помагаат на својот брат по вера, што треба да го сакаат. Така треба да ги поучуваш и да ги советуваш. Секој што поучува поинаку, му се противставува на здравото учење на нашиот Господ Исус Христос, кое е основа на побожноста. Таквите учители горделиво се самозалажуваат, а ништо не им е јасно. Имаат нездрава желба да се расправаат, за збор да се фаќаат, а од тоа произлегуваат завист, кавги, навреди, опасна недоверба и постојани расправии. Нивните умови се изопачени и тие не ја разбираат вистината. Мислат дека верата е средство за лично богатење. Да, верата е навистина големо богатство, бидејќи те учи да бидеш задоволен со тоа што го имаш. Со празни раце доаѓаме на овој свет и кога ќе го напуштиме ништо не можеме да понесеме со себе. Ако имаме храна и облека, треба да бидеме задоволни. Оние што сакаат да бидат богати паѓаат во сите можни искушенија и стапици. Стануваат робови на неразумни и опасни страсти што на крајот ќе ги доведат до питачки стап и целосна пропаст. Алчноста за пари е корен на сите зла. Некои луѓе се толку алчни по пари, што дури и од верата скршнаа и си нанесоа многубројни болки. Тимотеј, ти си Божји човек, затоа бегај од тие зла! Труди се да бидеш праведен, побожен, верен, да ги сакаш луѓето, да бидеш трпелив и кроток. Бори се храбро за верата и држи се цврсто за неа, за да добиеш вечен живот. Токму за тоа Бог те одбра и ти веќе пред многу луѓе даде исклучително добро сведоштво! Пред Бог, Кој му дава живот на се што постои, и пред Исус Христос, Кој даде добро сведоштво пред Понтиј Пилат, те задолжувам беспрекорно да се придржуваш до сите заповеди, та никој да не може да ти најде мана, се до повторното доаѓање на нашиот Господ Исус Христос. Бог е нашиот единствен Владетел, Цар на царевите и Господар на господарите. Во определеното време Тој пак ќе Го испрати Исус Христос кај нас. Само Бог е бесмртен. Тој живее во светлина во која никој не може да Му пријде! Човечко око не Го видело, ниту може да Го види. Сета почит и власт Му припаѓаат Нему. Амин! Предупреди ги богатите на овој свет да не ги обзема горделивост, ниту да се надеваат на своето богатство што лесно можат да го загубат! Кажи им да се потпрат на Бог, Кој обилно ни дарува се што ни е потребно за да уживаме во животот. Советувај ги да прават добри дела, да помагаат, да бидат дарежливи, решени да го делат со другите луѓе она што го имаат. Така ќе постават солиден темел за својата иднина, ќе се стекнат со вистински живот. Тимотеј, чувај го тоа што ти го доверил Бог! Не учествувај во непристојни и празни разговори, во расправи за она што лажно се нарекува ?знаење‘. Некои луѓе скршнаа од верата, поведувајќи се по такви работи. Бог нека ви биде благонаклонет!
1 Тимотеј 6:1-21 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги) (MK2006)
Оние, кои се наоѓаат под јарем, робовите, господарите свои нека ги сметаат како достојни за секаква почест, за да не се хули името Божјо и учењето. Оние, пак, кои имаат господари што поверувале, нека не презираат зашто се верници; туку со поголема усрдност да служат, бидејќи тие што ги добиваат нивните услуги се верни и возљубени. Така поучувај и советувај! Кој поучува инаку и не оди по здравите зборови на нашиот Господ Исус Христос и според учењето за благочесноста, тој е помрачен од горделивоста. Не знае ништо и е болен од празни препирки и распрашувања, од кои произлегуваат зависта, карањето, хулењето, лошите мисли; залудни препирки меѓу луѓето што имаат изопачен ум, лишени се од вистината; тие мислат дека побожноста служи за трговија. Бегај од такви! А голема печалба е, навистина, да биде човек благочестив и задоволен со себе. Бидејќи ништо не сме донеле на светов, јасно е дека не можеме и ништо да однесеме. Но кога имаме храна и облекло, со тоа да бидеме задоволни. А оние што сакаат да се збогатуваат, паѓаат во искушение, во стапици и во многу неразумни и штетни страсти, што го потопуваат човекот во пропаст и погибел. Зашто коренот на сите зла е среброљубието, на што некои му се предадоа, се отклонија од верата и си навлекоа многу маки. Но ти, човеку Божји, бегај од ова и стреми се кон праведноста, побожноста, верата, љубовта, трпеливоста и кротоста! Бори се со добриот подвиг на верата; освој го вечниот живот за кој си и повикан и си дал добра потврда пред многу сведоци. Ти заповедам пред Бога, Кој сѐ оживотворува, и пред Христос Исус, Кој ја посведочи добрата исповед пред Понтиј Пилат, да ја запазиш заповедта чиста и беспрекорна сѐ до доаѓањето на нашиот Господ Исус Христос, кое, кога ќе му дојде времето, ќе Го открие блажениот и единствен Владетел, Цар над царевите и Господар над господарите, Кој е единствен бесмртен и живее во непристапна светлина, Кого никој од луѓето не Го видел, ниту може да Го види. Нему нека Му е чест и сила во сите векови. Амин! Заповедај им на богатите од овој свет да не се гордеат, ниту да се надеват во непостојаното богатство, туку на живиот Бог, Кој ни дава за наслада сѐ во изобилие; нека прават добро, нека се збогатуваат со добри дела, да бидат штедри и сочувствителни. И на таков начин да си собираат сокровиште – добра основа за иднината, за да постигнат живот вечен. О Тимотеје, пази го она што ти е предадено и бегај од нечисти и празни разговори и од расправии на лажната наука, на која некои ѝ се предадоа и се отклонија од верата. Благодатта нека биде со тебе. Амин.
1 Тимотеј 6:1-21 Библија: Стариот и Новиот Завет, Константинов (MKB)
Робовите, кои се подјармени, да ги сметаат своите господари достојни за секаква почест, за да не се хули Божјото име и науката. А оние кои имаат верни господари, да не ги презираат, затоа што се браќа, туку да им служат подобро, зашто оние кои се ползуваат од нивните услуги се верни и возљубени браќа! Така поучувај и проповедај! Ако некој поучува инаку и не ги следи здравите зборови на нашиот Господ Исус Христос и на науката на побожноста, тој е надуен и не знае ништо, туку боледува од желба за распрашувања и препирки од кои произлегуваат: зависта, расправиите, хулењата, лукавите сомневања, празни препирки меѓу луѓето со изопачен ум и лишени од вистината, кои мислат дека побожноста е средство за печалба. Побожноста и е голема печалба кога е здружена со чувство на задоволство. Зашто ништо не донесовме на овој свет, ниту можеме да однесеме нешто. А кога имаме храна и облека, да бидеме задоволни со тоа! А оние кои сакаат да се богатат, паѓаат во искушение, во стапица и во многу неразумни и штетни желби, што ги туркаат луѓето во пропаст и погибел, зашто среброљубието е корен на секакви зла; некои му се предадоа, се отстранија од верата и се прободија себеси со многу болки. А ти, Божји човеку, бегај од сѐ тоа! И стреми се кон праведност, побожност, вера, љубов, трпеливост, кротост! Бори се во добрата борба на верата, зграби го вечниот живот, за кој си повикан, и за кого си дал добра исповед пред многу сведоци! Ти заповедам пред Бога, Кој оживува сѐ и пред Христа Исуса, Кој пред Понтие Пилат ја посведочи добрата исповед, да ја пазиш заповедта чиста и непорочна до јавувањето на нашиот Господ Исус Христос, кое - во свое време, ќе Го открие блажениот и единствениот Владетел, Цар над царевите и Господар над господарите; Кој единствено има бесмртност, живеејќи во непристапна светлина, Кого никој од луѓето не Го видел ниту може да Го види. Нему чест и вечна сила. Амин! Заповедај им на богатите на овој свет да не бидат горделиви и да не се надеваат на непостојаното богатство, туку во живиот Бог, Кој ни дава изобилно сѐ за наслада, да прават добро, да бидат богати во добри дела, да бидат дарежливи и заедничари; да собираат за себе благо како основа за иднината, за да зграбат вистински живот. О Тимотеје, пази го она што ти е доверено, и отстранувај се од нечистите и празните разговори и спротивставувањата на лажно нареченото познавање, за кое некои се држат и така се отклонија од верата. Благодат со тебе. Амин!