Лого на YouVersion
Икона за пребарување

1 Самоилова 20:1-42

1 Самоилова 20:1-42 MK2006

Давид избега од Нават, кој е кај Рама, и дојде, па му рече на Јо­натан: „Што направив јас, во што сум виновен, со што згрешив пред татко ти, та ја бара душата моја?“ Му одговори Јонатан: „Не, ти нема да умреш. Ете, татко ми не прави ни­што, било големо, било мало, без да им јави на ушите мои. Зошто татко ми ќе го крие тоа од мене? Тоа нема да биде.“ Давид се колнеше и говореше: „Тат­ко ти добро знае дека јас стекнав благонаклоност во твоите очи, затоа си вели: ‚нека не знае за тоа Јонатан за да не се огорчи.‘ Но, ти се колнам во Господ и во твојата душа дека само еден чекор има меѓу мене и смртта.“ Јонатан му рече на Давид: „Што са­ка душата твоја, јас ќе го сторам тоа за тебе.“ Тогаш Давид му рече на Јонатан: „Ете, утре е млада месечина, и јас треба да седам со царот на трпезата; но пушти ме, и јас ќе се кријам во полето до ве­черта на третиот ден. Ако татко ти запраша за мене, ти кажи: ‚Давид ме замоли да оди во својот град Витлеем, зашто таму се врши годишно принесување на жртва за сиот негов род.‘ Ако на тоа тој каже: ‚добро‘, твојот слуга ќе има мир; ако, пак, се разгневи, тогаш знај дека тој намислил нешто лошо. А ти стори му милост на твојот слуга, – зашто ти го воведе слугата свој во завет Господов со тебе, – и ако има некоја вина во мене, убиј ме ти! Зошто да ме водиш кај татко ти?“ Јонатан одговори: „Тоа нема да стане со тебе; зашто, ако навистина дознаам дека татко ми решил да ти направи нешто лошо, зар нема да ти јавам за тоа?“ Тогаш Давид му рече на Јонатан: „Кој ќе ми соопшти, ако татко ти одго­вори налутено?“ Јонатан му рече на Давид: „Ајде да одиме во полето.“ И обајцата излегоа во полето. Јонатан му рече на Давид: „Се колнам во Господ, Бог Израелов! Утре во ова време, или другиот ден, ќе разберам од татко ми; и ако е тој благонаклонет кон Давид, и ако јас уште тогаш не испратам гласници кај тебе и не им јавам на твоите уши, нека Господ ми испрати најголема казна и уште поголемо зло да ми додаде! Ако, пак, татко ми решил да ти нанесе зло, и тоа ќе го соопштам до ушите твои, и ќе те пуштам; тогаш оди си со мир, и Господ нека биде со тебе, како што беше со татко ми! Но и ти, ако бидеш уште жив, направи ми милост Господова. Ако, пак, умрам, не ја одземај милоста своја од домот мој никогаш, дури ни тогаш, кога Господ ќе ги истреби од лицето на земјата сите непријатели Давидови.“ Така склучи Јонатан завет со домот Давидов и рече: „Господ нека им врати на непријателите Давидови!“ Јонатан му се заколна на Давид во љубовта своја кон него, бидејќи го сакаше како душата своја. И му рече Јонатан: „Утре е млада месечина, и ќе запрашаат за тебе, биде­јќи местото твое нема да биде зафатено; затоа на третиот ден слези и оди брзо на местото, каде што се криеше порано, и седни кај каменот Езел; јас, пак, ќе пуштам кон таа страна три стрели, небаре ќе стрелам во цел. Потоа ќе испратам едно момче, на кого ќе му кажам: ‚Оди, најди ги стрелите‘, и ако му кажам на момчето: ‚Еве, стрелите се зад тебе, земи ги‘, дојди кај мене, тогаш има мир за тебе, и, се колнам во Господ, нема ништо да ти стане. Ако, пак, му кажам вака на мом­чето: ‚Ете, стрелите се пред тебе‘ тогаш оди си, бидејќи Господ те пушта. А за тоа, за кое говоревме јас и ти, Господ е сведок меѓу мене и тебе за­секогаш.“ Давид се сокри во полето. Кога настапи млада месечина, царот седна на трпезата да јаде. Царот седна на местото свое, како секогаш, на седиштето до ѕидот. Јона­тан стана, а Авенир седна до Саул; местото, пак, на Давид остана празно. Тој ден Саул не кажа ништо, зашто си помисли дека тоа е случајно дека Давид е нечист, не се исчистил. Настапи и вториот ден по младата месечина, а местото на Давид остануваше празно. Тогаш Саул му рече на синот свој Јонатан: „Зошто синот Јесеев не дојде на ручек ниту вчера, ниту денес?“ Јонатан му одговори на Саул: „Давид измоли од мене да отиде во Витлеем, велејќи: ‚Пушти ме, бидејќи имаме во градот родбинско принесување жрт­ва, и брат ми ме покани; затоа, ако сум стекнал благонаклоност во очите твои, пушти ме да одам и да се видам со браќата свои; затоа тој и не дојде на царскиов ручек.‘“ Тогаш Саул многу се разгневи на Јонатан и му рече: „Развратен и непокорен сине! Зар не знам дека си се здру­жил со Јесеевиот син за срам, на себе и за срам на мајка си! Зашто во сите денови, додека Јесеевиот син живее на земјата, нема да опстанеш ни ти, ни царството твое; а сега испрати и доведи го кај мене, бидејќи е осуден на смрт.“ Јонатан му одговори на татко си Саул и му рече: „Зошто да се убива? Што направил?“ Тогаш Саул фрли копје врз него за да го убие. Тогаш Јонатан разбра дека татко му решил да го убие Давид. Јонатан стана од трпезата многу разгневен и не ручаше на другиот ден по младата месечина, зашто тагуваше за Давид, а и затоа што татко му го навреди. На другиот ден изутрина Јонатан излезе во полето, во времето што му го беше определил на Давид, и едно мало момче со него. И тој му рече на момчето: „Трчај, барај ги стрелите што ги пуштам.“ Момчето се затрча, а тој ги пушташе стрелите така што тие летаа подалеку од момчето. И момчето се затрча натаму, на каде што Јонатан ги пушташе стрелите, и Јонатан викна по момчето и рече: „Гледај, стрелата е пред тебе.“ Јонатан, пак, викаше по момчето: „Трчај побрзо, не се запирај.“ И момче­то ги собра Јонатановите стрели и дојде кај господарот свој. А момчето не знаеше ништо; само Јонатан и Давид знаеја, каква е работата. Тогаш Јонатан му го даде оружјето свое на момчето што беше со него, и му рече: „Оди и однеси го во градот.“ Момчето отиде, а Давид се исправи од југ и падна ничкум на земјата и трипати се поклони; и се бакнаа тие еден со друг, и обајцата плачеа заедно, но Да­вид повеќе плачеше. Јонатан му рече на Давид: „Оди со мир; а тоа, во кое се колневме двајцата во името Господово, велејќи: ‚Господ да биде меѓу мене и твоето семе‘, нека биде засекогаш.“