Лого на YouVersion
Икона за пребарување

1 Самоилова 20:1-42

1 Самоилова 20:1-42 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги) (MK2006)

Давид избега од Нават, кој е кај Рама, и дојде, па му рече на Јо­натан: „Што направив јас, во што сум виновен, со што згрешив пред татко ти, та ја бара душата моја?“ Му одговори Јонатан: „Не, ти нема да умреш. Ете, татко ми не прави ни­што, било големо, било мало, без да им јави на ушите мои. Зошто татко ми ќе го крие тоа од мене? Тоа нема да биде.“ Давид се колнеше и говореше: „Тат­ко ти добро знае дека јас стекнав благонаклоност во твоите очи, затоа си вели: ‚нека не знае за тоа Јонатан за да не се огорчи.‘ Но, ти се колнам во Господ и во твојата душа дека само еден чекор има меѓу мене и смртта.“ Јонатан му рече на Давид: „Што са­ка душата твоја, јас ќе го сторам тоа за тебе.“ Тогаш Давид му рече на Јонатан: „Ете, утре е млада месечина, и јас треба да седам со царот на трпезата; но пушти ме, и јас ќе се кријам во полето до ве­черта на третиот ден. Ако татко ти запраша за мене, ти кажи: ‚Давид ме замоли да оди во својот град Витлеем, зашто таму се врши годишно принесување на жртва за сиот негов род.‘ Ако на тоа тој каже: ‚добро‘, твојот слуга ќе има мир; ако, пак, се разгневи, тогаш знај дека тој намислил нешто лошо. А ти стори му милост на твојот слуга, – зашто ти го воведе слугата свој во завет Господов со тебе, – и ако има некоја вина во мене, убиј ме ти! Зошто да ме водиш кај татко ти?“ Јонатан одговори: „Тоа нема да стане со тебе; зашто, ако навистина дознаам дека татко ми решил да ти направи нешто лошо, зар нема да ти јавам за тоа?“ Тогаш Давид му рече на Јонатан: „Кој ќе ми соопшти, ако татко ти одго­вори налутено?“ Јонатан му рече на Давид: „Ајде да одиме во полето.“ И обајцата излегоа во полето. Јонатан му рече на Давид: „Се колнам во Господ, Бог Израелов! Утре во ова време, или другиот ден, ќе разберам од татко ми; и ако е тој благонаклонет кон Давид, и ако јас уште тогаш не испратам гласници кај тебе и не им јавам на твоите уши, нека Господ ми испрати најголема казна и уште поголемо зло да ми додаде! Ако, пак, татко ми решил да ти нанесе зло, и тоа ќе го соопштам до ушите твои, и ќе те пуштам; тогаш оди си со мир, и Господ нека биде со тебе, како што беше со татко ми! Но и ти, ако бидеш уште жив, направи ми милост Господова. Ако, пак, умрам, не ја одземај милоста своја од домот мој никогаш, дури ни тогаш, кога Господ ќе ги истреби од лицето на земјата сите непријатели Давидови.“ Така склучи Јонатан завет со домот Давидов и рече: „Господ нека им врати на непријателите Давидови!“ Јонатан му се заколна на Давид во љубовта своја кон него, бидејќи го сакаше како душата своја. И му рече Јонатан: „Утре е млада месечина, и ќе запрашаат за тебе, биде­јќи местото твое нема да биде зафатено; затоа на третиот ден слези и оди брзо на местото, каде што се криеше порано, и седни кај каменот Езел; јас, пак, ќе пуштам кон таа страна три стрели, небаре ќе стрелам во цел. Потоа ќе испратам едно момче, на кого ќе му кажам: ‚Оди, најди ги стрелите‘, и ако му кажам на момчето: ‚Еве, стрелите се зад тебе, земи ги‘, дојди кај мене, тогаш има мир за тебе, и, се колнам во Господ, нема ништо да ти стане. Ако, пак, му кажам вака на мом­чето: ‚Ете, стрелите се пред тебе‘ тогаш оди си, бидејќи Господ те пушта. А за тоа, за кое говоревме јас и ти, Господ е сведок меѓу мене и тебе за­секогаш.“ Давид се сокри во полето. Кога настапи млада месечина, царот седна на трпезата да јаде. Царот седна на местото свое, како секогаш, на седиштето до ѕидот. Јона­тан стана, а Авенир седна до Саул; местото, пак, на Давид остана празно. Тој ден Саул не кажа ништо, зашто си помисли дека тоа е случајно дека Давид е нечист, не се исчистил. Настапи и вториот ден по младата месечина, а местото на Давид остануваше празно. Тогаш Саул му рече на синот свој Јонатан: „Зошто синот Јесеев не дојде на ручек ниту вчера, ниту денес?“ Јонатан му одговори на Саул: „Давид измоли од мене да отиде во Витлеем, велејќи: ‚Пушти ме, бидејќи имаме во градот родбинско принесување жрт­ва, и брат ми ме покани; затоа, ако сум стекнал благонаклоност во очите твои, пушти ме да одам и да се видам со браќата свои; затоа тој и не дојде на царскиов ручек.‘“ Тогаш Саул многу се разгневи на Јонатан и му рече: „Развратен и непокорен сине! Зар не знам дека си се здру­жил со Јесеевиот син за срам, на себе и за срам на мајка си! Зашто во сите денови, додека Јесеевиот син живее на земјата, нема да опстанеш ни ти, ни царството твое; а сега испрати и доведи го кај мене, бидејќи е осуден на смрт.“ Јонатан му одговори на татко си Саул и му рече: „Зошто да се убива? Што направил?“ Тогаш Саул фрли копје врз него за да го убие. Тогаш Јонатан разбра дека татко му решил да го убие Давид. Јонатан стана од трпезата многу разгневен и не ручаше на другиот ден по младата месечина, зашто тагуваше за Давид, а и затоа што татко му го навреди. На другиот ден изутрина Јонатан излезе во полето, во времето што му го беше определил на Давид, и едно мало момче со него. И тој му рече на момчето: „Трчај, барај ги стрелите што ги пуштам.“ Момчето се затрча, а тој ги пушташе стрелите така што тие летаа подалеку од момчето. И момчето се затрча натаму, на каде што Јонатан ги пушташе стрелите, и Јонатан викна по момчето и рече: „Гледај, стрелата е пред тебе.“ Јонатан, пак, викаше по момчето: „Трчај побрзо, не се запирај.“ И момче­то ги собра Јонатановите стрели и дојде кај господарот свој. А момчето не знаеше ништо; само Јонатан и Давид знаеја, каква е работата. Тогаш Јонатан му го даде оружјето свое на момчето што беше со него, и му рече: „Оди и однеси го во градот.“ Момчето отиде, а Давид се исправи од југ и падна ничкум на земјата и трипати се поклони; и се бакнаа тие еден со друг, и обајцата плачеа заедно, но Да­вид повеќе плачеше. Јонатан му рече на Давид: „Оди со мир; а тоа, во кое се колневме двајцата во името Господово, велејќи: ‚Господ да биде меѓу мене и твоето семе‘, нека биде засекогаш.“

1 Самоилова 20:1-42 Библија: Стариот и Новиот Завет, Константинов (MKB)

Давид избега од Најот во Рама и дојде кај Јонатана та му рече: „Што направив? Каква беше мојата вина и што му згрешив на татка ти, та го бара мојот живот?“ А тој му одговори: „Далеку да е од тебе таа мисла! Ти нема да загинеш. Ете, мојот татко не презема ништо, било големо или мало, а тоа да не ми го открие мене. И така, зошто татко ми би го криел од мене токму тоа?“ Но Давид се заколна и рече: „Твојот татко знае добро дека јас ја придобив твојата наклонетост, па мисли: ‘Јонатан не треба ништо да знае за тоа, за да не биде жалостен.’ Ама живиот ми Господ и животот ми твој, има само еден чекор меѓу мене и смртта.“ Тогаш Јонатан го праша Давида: „Што сакаш да направам за тебе?“ А Давид му одговори на Јонатана: „Еве, утре е млада месечина, и јас би требало да јадам со царот покрај столот; ама ти пушти ме да си одам, за да се скријам во полето до вечерта. Ако твојот татко забележи дека ме нема, ќе му речеш вака: ‘Давид ме молеше упорно за да го пуштам да отиде бргу до својот град Витлеем, зашто таму се слави годишната жртва за сето негово семејство.’ Ако тој рече: ‘Добро!’ твојот слуга е спасен. Ако пламне со гнев, знај дека цврсто намислил да ме погуби. И така, искажи му милост на својот слуга, кога својот слуга го воведе со себе во Господовиот сојуз. Ама ако има некаква вина на мене, убиј ме самиот; зошто би ме водел кај својот татко?“ А Јонатан му одговори: „Далеку да е од тебе таа мисла! Кога би знаел веродостојно дека мојот татко наумил цврсто за да навали несреќа врз тебе, зар јас не би ти јавил?“ Давид го праша Јонатана: „А кој ќе ми јави ако твојот татко ти одговори нешто лошо?“ Јонатан му одговори на Давида: „Дојди, да излеземе во полето!“ И двајцата излегоа во полето. Тогаш Јонатан му рече на Давида: „Господ Израелевиот Бог, нека ми биде сведок! Јас ќе го искушам татка си, утре во ова време. Ако биде добро за Давида, а јас не испратам кај тебе за да те известам, Господ нека му го направи тоа зло на Јонатана и нека му додаде друго зло! Ако на татка ми му биде мило да ти направи зло, ќе ти јавам, и ќе те пуштам да си отидеш во мир; и Господ нека биде со тебе, како што беше со мојот татко! Ако јас уште бидам жив, ќе можеш да ми ја искажеш Господовата милост; Ако умрам, не крати му ја твојата добрина на мојот дом довека! Кога Господ ќе ги откорне редум Давидовите непријатели од лицето на земјата, Јонатан се заветува со домот Давидов, дека Господ ќе бара сметка за тоа од рацете на Давидовите непријатели.“ Тогаш Јонатан му се заколна уште еднаш на Давида во својата љубов, зашто го љубеше со сета љубов на својата душа. Потоа Јонатан му рече на Давида: „Утре е млада месечина и ќе забележи дека те нема, зашто твоето место ќе биде празно. Задутре ќе види уште поочигледно дека те нема, а ти дојди на местото каде што се скри во денот на оној настан, и седни при каменот Езел. А јас ќе фрлам три стрели кон онаа страна како да гаѓам цел. А тогаш ќе го испратам момокот и ќе му речам: ‘Оди! најди ја стрелата!’ Ако тогаш му викнам на момокот ‘Внимавај стрелата е ваму поблизу од тебе, донеси ја!’ - ти тогаш дојди, зашто има мир за тебе и нема никаква опасност, така ми живиот Господ! Ако му викнам на момокот: ‘Внимавај! стрелата е онаму подалеку од тебе’ - ти тогаш отиди си, зашто Господ те праќа оттука. А за овој договор, за кој се договоривме јас и ти, Господ нека е сведок меѓу мене и тебе довека!“ Потоа Давид се скри во полето. И кога излезе нов месец царот седна покрај столот за да јаде. Царот седна на своето вообичаено место, на местото до ѕидот, Јонатан се смести спроти него, Авенир седна покрај Саула, а Давидовото место остана празно. Ама Саул не рече ништо во оној ден, зашто мислеше: „Му се случило нешто, та не е чист.“ Утреден по младата месечина во вториот ден на месецот, Давидовото место пак остана празно, и Саул го праша својот син Јонатан: „Зошто Јесејовиот син не дојде на ручек ни вчера ни денес?“ А Јонатан му одговори на Саула: „Давид ме молеше упорно да го пуштам да оди во Витлеем. Ми рече: ‘Пушти ме да одам, зашто ја славиме семејната жртва во мојот град, и моите браќа ме повикаа да дојдам. Ако ја придобив твојата наклоност, дај ми дозвола да ги посетам моите браќа.’ Ете, затоа го нема покрај царскиот стол.“ Тогаш Саул пламна со гнев на Јонатана и му рече: „Ти сине на развратна и бунтовна жена! Мислиш дека не знам дека си во сојуз со Јесејовиот син, за свој срам и за срам на мајка ти! Зашто додека биде жив на земјата Јесејовиот син, не ќе бидеш безбеден ни ти ни твоето царство. Затоа сега испрати по него и доведи го кај мене, зашто е осуден на смрт.“ А Јонатан му одговори на својот татко Саул и му рече: „Зошто треба тој да умре? Што направи?“ Тогаш Саул замавна со копјето на синот за да го прободе. Јонатан виде дека неговиот татко одлучил да го убие Давида. Јонатан стана од столот сиот разјарен, и не јадеше ништо во тој втор ден на месецот, зашто се загрижи за Давида, бидејќи неговиот татко го навреди. Утреден наутро Јонатан излезе во полето според спогодбата со Давида, со него одеше млад момок. И тој му рече на својот момок: „Ти ќе се затрчаш и ќе ги најдеш стрелите што ќе ги фрлам сега.“ И момокот се затрча, а Јонатан ја оптегна стрелата така што прелета преку него. Кога момокот дојде до местото каде што беше стрелата, што ја фрли Јонатан, Јонатан му викна на момокот: „Не е ли стрелата онаму подалеку од тебе?“ Уште Јонатан му викна на момокот: „Побргу! Побрзај! Не стој!“ Јонатановиот момок ја крена стрелата и му ја донесе на својот господар. Момокот не забележа ништо, само Јонатан и Давид знаеја за што се работи. Тогаш Јонатан му го предаде оружјето на момокот и му рече: „Оди си и однеси го тоа во градот!“ Кога си отиде момокот, Давид излезе од кон југ, падна ничкум на земјата и се поклони трипати. Потоа се изљубија и плачеа заедно, но Давид плачеше повеќе. Потоа Јонатан му рече на Давида: „Оди си во мир! За тоа што двајцата се заколнавме во Господовото име, Господ нека биде сведок меѓу мене и тебе, меѓу моето потомство и твоето потомство довека!“