Лого на YouVersion
Икона за пребарување

1 Самоилова 17:41-58

1 Самоилова 17:41-58 MK2006

Излезе и Филистеецот, одејќи и приближувајќи се кон Давид, и пред него одеше оруженосецот. Погледна Филистеецот, и откако го виде Давид, со потсмев го изгледа, бидејќи беше млад, рус и убав. Филистеецот му рече на Давид: „Зошто си тргнал против мене со стап? Да не сум куче?“ Филистеецот го проколна Давид со боговите свои. И Филистеецот му рече на Давид: „Приближи се до мене, и ќе им го дадам телото твое на птиците небески и на ѕверовите полски.“ Давид му одговори на Филистеецот: „Ти одиш против мене со меч, копје и штит, јас, пак, одам против тебе во името на Господ Саваот, Бог на израелската војска што ти ја навредуваш. Сега ќе те предаде Господ во раката моја, и јас ќе те убијам, ќе ја симнам од тебе главата твоја, и ќе им ги дадам и труповите на филистејската војска на птиците небески и ѕверовите земни, и целата земја ќе дознае дека има Бог во Израел; и сите овие луѓе ќе разберат дека Господ не спасува со меч и копје, зашто тоа е војна на Господ, и Тој ќе ве предаде во рацете наши.“ Кога Филистеецот се исправи и почна да пристапува и да се прибли­жува кон Давид, Давид брзо се стрча кон местото на борбата против Филис­теецот, и бркна со раката во торбата, извади оттаму еден камен и фрли со праќата, та го удри Филистеецот в чело, така што каменот се заби во челото негово, и тој падна ничкум на земјата. Така, со праќа и камен, го победи Давид Филистеецот; го удри Филистее­цот и го уби; а Давид немаше меч во рацете. Тогаш Давид се стрча, и откако стапна врз Филистеецот, зеде та го извлече мечот негов од ножницата, го удри и ја пресече со него главата негова. Филистејците, кога видоа дека нивниот јунак умре, почнаа да бегаат. И се кренаа мажите израелски и јудејски, викнаа и ги гонеа Филистеј­ците до влезот во долината и до портите на Екрон. И убиените Филистејци паѓаа по патот Шаараим до Гет и до Екрон. Откако ги прогонија Филистејците, Израеловите синови се вратија и го разграбија нивниот логор. Давид ја зеде главата на Филистее­цот и ја однесе во Ерусалим, а оружјето го стави во шаторот свој. Кога Саул го виде Давид како излегува против Филистеецот, тогаш го запраша Авенир, началникот на војската: „Авенир, чиј син е тоа момче?“ Авенир му одговори: „Се колнам во твојата душа, царе, не знам.“ И царот тогаш рече: „Ајде прашај, чиј син е тоа момче?“ А кога Давид се враќаше, откако го уби Филистеецот, Авенир го зеде и го доведе кај Саул, и главата на Филистее­цот беше во раката негова. И Саул го запраша: „Чиј син си, момче?“ Давид одговори: „Син на твојот слуга Јесеј од Витлеем.“

YouVersion користи колачиња за да го персонализира вашето искуство. Со користење на нашата веб-страница, ја прифаќате употребата на колачиња како што е опишано во нашата Политика за приватност