Лого на YouVersion
Икона за пребарување

1 Самоилова 17:41-58

1 Самоилова 17:41-58 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги) (MK2006)

Излезе и Филистеецот, одејќи и приближувајќи се кон Давид, и пред него одеше оруженосецот. Погледна Филистеецот, и откако го виде Давид, со потсмев го изгледа, бидејќи беше млад, рус и убав. Филистеецот му рече на Давид: „Зошто си тргнал против мене со стап? Да не сум куче?“ Филистеецот го проколна Давид со боговите свои. И Филистеецот му рече на Давид: „Приближи се до мене, и ќе им го дадам телото твое на птиците небески и на ѕверовите полски.“ Давид му одговори на Филистеецот: „Ти одиш против мене со меч, копје и штит, јас, пак, одам против тебе во името на Господ Саваот, Бог на израелската војска што ти ја навредуваш. Сега ќе те предаде Господ во раката моја, и јас ќе те убијам, ќе ја симнам од тебе главата твоја, и ќе им ги дадам и труповите на филистејската војска на птиците небески и ѕверовите земни, и целата земја ќе дознае дека има Бог во Израел; и сите овие луѓе ќе разберат дека Господ не спасува со меч и копје, зашто тоа е војна на Господ, и Тој ќе ве предаде во рацете наши.“ Кога Филистеецот се исправи и почна да пристапува и да се прибли­жува кон Давид, Давид брзо се стрча кон местото на борбата против Филис­теецот, и бркна со раката во торбата, извади оттаму еден камен и фрли со праќата, та го удри Филистеецот в чело, така што каменот се заби во челото негово, и тој падна ничкум на земјата. Така, со праќа и камен, го победи Давид Филистеецот; го удри Филистее­цот и го уби; а Давид немаше меч во рацете. Тогаш Давид се стрча, и откако стапна врз Филистеецот, зеде та го извлече мечот негов од ножницата, го удри и ја пресече со него главата негова. Филистејците, кога видоа дека нивниот јунак умре, почнаа да бегаат. И се кренаа мажите израелски и јудејски, викнаа и ги гонеа Филистеј­ците до влезот во долината и до портите на Екрон. И убиените Филистејци паѓаа по патот Шаараим до Гет и до Екрон. Откако ги прогонија Филистејците, Израеловите синови се вратија и го разграбија нивниот логор. Давид ја зеде главата на Филистее­цот и ја однесе во Ерусалим, а оружјето го стави во шаторот свој. Кога Саул го виде Давид како излегува против Филистеецот, тогаш го запраша Авенир, началникот на војската: „Авенир, чиј син е тоа момче?“ Авенир му одговори: „Се колнам во твојата душа, царе, не знам.“ И царот тогаш рече: „Ајде прашај, чиј син е тоа момче?“ А кога Давид се враќаше, откако го уби Филистеецот, Авенир го зеде и го доведе кај Саул, и главата на Филистее­цот беше во раката негова. И Саул го запраша: „Чиј син си, момче?“ Давид одговори: „Син на твојот слуга Јесеј од Витлеем.“

1 Самоилова 17:41-58 Библија: Стариот и Новиот Завет, Константинов (MKB)

А Филистеецот сѐ поблиску му се доближуваше на Давида, додека неговиот штитоносец чекореше пред него. А кога Филистеецот погледна и го виде Давида, го презре заради неговата младост - Давид беше младинец, румен, со убаво лице. Затоа Филистеецот му рече на Давида: „Зар сум јас пес да идеш против мене со стапови?“ И почна да го проколнува Давида со своите богови. Потоа Филистеецот му рече на Давида: „Дојди кај мене, за да им го дадам твоето месо на небесните птици и на земните ѕверови!“ А Давид му одговори на Филистеецот: „Ти доаѓаш против мене со меч, со копје и со штит, а јас одам против тебе во името на Господа на Силите, Бога на Израелевите чети, кои ти ги предизвика. Денес Господ ќе те предаде во мојата рака, јас ќе те убијам, ќе ја симнам твојата глава и уште денес ќе им го дадам твоето мртво тело и телата на филистејската војска на небесните птици и на земните ѕверови. Сета земја ќе знае дека има Бог во Израел. И сиот овој собир ќе знае дека Господ не дава победа со меч ни со копје, зашто Господ е господар на битката, и Тој ве предава во наши раце.“ Кога Филистеецот се доближи и тргна кон Давида, Давид излезе од бојните редови и тргна кон Филистеецот. Давид посегна со раката во торбата, извади камче од неа, и го фрли од праќката. И го погоди Филистеецот во челото; камчето му се закачи во челото, и тој падна ничкум на земјата. Така Давид со камче и праќка го победи Филистеецот: го удри Филистеецот и го уби, а немаше меч во раката. Затоа Давид потрча и застана врз Филистеецот, го грабна неговиот меч, го извлече од ножницата и го погуби Филистеецот, отсечувајќи му ја главата. Кога Филистејците видоа како загина нивниот јунак се нафрлија во бегство. Тогаш станаа Израелците и Јудејците и извикувајќи ги спотераа Филистејците до окопите околу Гат и до градските врати на Акарон; филистејските мртви го покрија патот од Сараим сѐ до Гат и до Акарон. Тогаш Израелците се вратија од таа жестока потера по Филистејците и го ограбија нивниот логор. А Давид ја зеде главата на Филистеецот и ја однесе во Ерусалим, а неговото оружје го стави во својот шатор. Кога Саул го виде Давида како излегува пред Филистеецот, го праша својот војвода Авенир: „Чиј син е тој младинец, Авенире?“ А Авенир одговори: „Жив да ми е твојот живот, цару не знам!“ А царот му рече: „Распрашај се чиј син е тој младинец!“ А кога се врати Давид, откако го погуби Филистеецот, Авенир го зеде и го доведе пред Саула, а Давид уште ја држеше филистеевата глава во раката. Саул го праша: „Чиј син си ти момче?“ А Давид му одговори: „Син сум на твојот слуга Витлеемецот Јесеј.“

YouVersion користи колачиња за да го персонализира вашето искуство. Со користење на нашата веб-страница, ја прифаќате употребата на колачиња како што е опишано во нашата Политика за приватност