И зеде Самоил сад со масло, го излеа врз главата негова, го бакна и рече: „Еве, Господ те помаза за владетел на Своето наследство. И, кога ќе тргнеш сега од мене, ќе сретнеш два човека близу до Рахилиниот гроб, во Венијаминовите предели, во Целцах, и тие со радост ќе ти кажат: ‚Се најдоа магариците што одеше да ги бараш, и ете, татко ти, заборавајќи ги магариците, се обеспокои за вас, велејќи: Што стана со синот мој?‘ Откако ќе отидеш понатаму и ќе дојдеш кај Таворскиот даб, и таму ќе те сретнат тројца луѓе, кои одат кај Бога во Ветил: едниот носи три јариња, другиот носи три леба, а третиот носи мев со вино. И тие ќе те поздрават и ќе ти ги дадат двата леба, и ти ќе ги земеш од рацете нивни. Потоа ќе дојдеш на Божјиот рид, каде што е филистејската стража; и кога ќе влезеш таму во градот, ќе сретнеш група пророци, кои слегуваат од ридот, и пред нив псалтир и тимпани, свирки и харфи, и ќе пророкуваат; и Духот Господов ќе слезе врз тебе, и ти ќе пророкуваш заедно со нив и ќе станеш друг човек.