Имаше еден човек од Раматаим-Цофим, од Ефремовата Гора, името му беше Елкана, син на Јерохам, син на Елијуј, син на Тоху, син на Цуф, ефратец. Тој имаше две жени: едната се викаше Ана, а другата Пенина. Пенина имаше деца, Ана, пак, немаше деца. И секоја година на определени денови тој човек одеше од градот свој за да Му се поклони и да Му принесе жртва на Господ Саваот во Силом; таму беа двајцата синови на Илиј: Офни и Финес, свештеници на Господ. А во денот, кога Елкана принесуваше жртва, ѝ даваше на жената своја Пенина и на сите нејзини синови и ќерки, делови од жртвата, а на Ана, пак, ѝ даваше двоен дел, зашто таа немаше деца, а и ја сакаше Ана повеќе од Пенина, иако Господ ѝ ја беше затворил утробата нејзина. Соперничката нејзина многу жестоко ја раздразнуваше за да ја натажи, поради тоа што Господ ѝ ја беше затворил утробата нејзина. Така стануваше секоја година, кога Елкана одеше во домот Господов: онаа ја раздразнуваше, а оваа плачеше и не јадеше. И ѝ рече Елкана, мажот нејзин: „Ано!“ Таа му одговори: „Еве, ме господаре.“ И ѝ рече: „Зошто плачеш и зошто не јадеш, и поради што е нажалено срцето твое? Не сум ли јас за тебе повреден отколку десет синови?“ Откако јадеа и пиеја во Силом, Ана стана и застана пред Господ. А свештеникот Илиј седеше на стол пред влезот во храмот Господов. Таа тажеше во душата своја и Му се молеше на Господ и горко плачеше, и даде заклетва, велејќи: „Господи, семоќни Боже Саваоте! Ако погледнеш милостиво кон понизноста на слугинката Твоја и се сетиш за мене, и не ја заборавиш слугинката Своја и ѝ дадеш на слугинката Своја машко дете, јас ќе Му го посветам на Господ до денот на неговата смрт; и вино и жесток пијалок нема да пие и брич нема да ја допре неговата глава.“