Лого на YouVersion
Икона за пребарување

1 Царевите 19:1-18

1 Царевите 19:1-18 MK2006

И Ахав ѝ раскажа на Језавела сѐ што направи Илија, и како тој ги уби со меч сите пророци. А Језавела испрати известувач кај Илија да му каже: „Нека ми испратат боговите најтешка казна и нешто пове­ќе нека ми додадат, ако до утре во ова време не направам со твојата душа, она што беше направено со душата на секого од нив.“ Кога го виде тоа, Илија стана и за­мина за да го спаси животот свој, и дојде во Вирсавија, која е во Јудеја, и таму го остави слугата свој, а самиот тој отиде во пустината на еден ден пат и, откако дојде, седна под едно иглолисно дрво и посакуваше да умре, велејќи: „Доста е веќе, Господи, прибери ја душата моја, бидејќи јас не сум подобар од предците свои.“ И легна, та заспа под дрвото. И ете, ангел го допре и му рече: „Стани, јади.“ Илија погледна, и, ете, до возглавницата негова стои печена питка и стомна вода. Тој касна, пивна и пак заспа. Ангелот Господов се врати повторно, се допре до него и рече: „Стани, јади, бидејќи те чека долг пат.“ Тој стана, касна и пивна и, откако се поткрепи со таа храна, одеше четирие­сет дена и четириесет ноќи до Божјата гора Хорив. И влезе таму во една пештера и но­ќеваше во неа. И, ете, би кон него слово Господово, и Господ му рече: „Зошто си овде Илија?“ Тој одговори: „Пламнав од ревност за Господ, Бог Саваот, зашто Израе­ловите синови го оставија Твојот завет, ги разурнаа Твоите жртвеници и со меч ги убија Твоите пророци; само јас ос­танав, но и мојата душа сакаат да ја земат.“ Тогаш Бог му рече: „Излези и застани на гората пред лицето Господово; и, ете, Господ ќе мине, и голем и силен ветар кој ридови урива и соборува карпи пред Господ; но не е Господ во ветрот; по ветер – земјотрес, но не е Господ во земјотресот; по земјотресот – оган, но не е Гос­под во огнот; по огнот – здив од тих ветар, и таму е Господ.“ Кога го чу тоа, Илија си го сокри лицето со својот кожув, излезе и застана пред влезот во пештерата. И кон него се слушна глас, кој му рече: „Зо­што си тука, Илија?“ Тој одговори: „Пламнав од ревност за Господ, Бог Саваот, зашто Израе­ловите синови го оставија Твојот завет, ги разурнаа Твоите жртвеници и со меч ги убија Твоите пророци; само јас ос­танав, но и мојата душа сакаат да ја земат.“ А Господ му рече: „Врати се по патот свој преку пустината во Дамаск и, кога ќе стигнеш, помазај го Азаил за арамејски цар, а Јуј, синот на Нимшиј, помазај го за цар над Израел; Елисеј, пак, синот на Шафат, од Авел-Мехола, помазај го за пророк наместо себе; зашто кој ќе избега од Азаиловиот меч, него ќе го убие Јуј, а кој ќе се избави од мечот на Јуј, него ќе го убие Елисеј. Но сепак оставив меѓу Израелците седум илјади мажи; сите тие не ги свиткувале колената пред Ваал, и устите нивни не го бакнувале.“