1 Царевите 19:1-18
1 Царевите 19:1-18 Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги) (MK2006)
И Ахав ѝ раскажа на Језавела сѐ што направи Илија, и како тој ги уби со меч сите пророци. А Језавела испрати известувач кај Илија да му каже: „Нека ми испратат боговите најтешка казна и нешто повеќе нека ми додадат, ако до утре во ова време не направам со твојата душа, она што беше направено со душата на секого од нив.“ Кога го виде тоа, Илија стана и замина за да го спаси животот свој, и дојде во Вирсавија, која е во Јудеја, и таму го остави слугата свој, а самиот тој отиде во пустината на еден ден пат и, откако дојде, седна под едно иглолисно дрво и посакуваше да умре, велејќи: „Доста е веќе, Господи, прибери ја душата моја, бидејќи јас не сум подобар од предците свои.“ И легна, та заспа под дрвото. И ете, ангел го допре и му рече: „Стани, јади.“ Илија погледна, и, ете, до возглавницата негова стои печена питка и стомна вода. Тој касна, пивна и пак заспа. Ангелот Господов се врати повторно, се допре до него и рече: „Стани, јади, бидејќи те чека долг пат.“ Тој стана, касна и пивна и, откако се поткрепи со таа храна, одеше четириесет дена и четириесет ноќи до Божјата гора Хорив. И влезе таму во една пештера и ноќеваше во неа. И, ете, би кон него слово Господово, и Господ му рече: „Зошто си овде Илија?“ Тој одговори: „Пламнав од ревност за Господ, Бог Саваот, зашто Израеловите синови го оставија Твојот завет, ги разурнаа Твоите жртвеници и со меч ги убија Твоите пророци; само јас останав, но и мојата душа сакаат да ја земат.“ Тогаш Бог му рече: „Излези и застани на гората пред лицето Господово; и, ете, Господ ќе мине, и голем и силен ветар кој ридови урива и соборува карпи пред Господ; но не е Господ во ветрот; по ветер – земјотрес, но не е Господ во земјотресот; по земјотресот – оган, но не е Господ во огнот; по огнот – здив од тих ветар, и таму е Господ.“ Кога го чу тоа, Илија си го сокри лицето со својот кожув, излезе и застана пред влезот во пештерата. И кон него се слушна глас, кој му рече: „Зошто си тука, Илија?“ Тој одговори: „Пламнав од ревност за Господ, Бог Саваот, зашто Израеловите синови го оставија Твојот завет, ги разурнаа Твоите жртвеници и со меч ги убија Твоите пророци; само јас останав, но и мојата душа сакаат да ја земат.“ А Господ му рече: „Врати се по патот свој преку пустината во Дамаск и, кога ќе стигнеш, помазај го Азаил за арамејски цар, а Јуј, синот на Нимшиј, помазај го за цар над Израел; Елисеј, пак, синот на Шафат, од Авел-Мехола, помазај го за пророк наместо себе; зашто кој ќе избега од Азаиловиот меч, него ќе го убие Јуј, а кој ќе се избави од мечот на Јуј, него ќе го убие Елисеј. Но сепак оставив меѓу Израелците седум илјади мажи; сите тие не ги свиткувале колената пред Ваал, и устите нивни не го бакнувале.“