Тогаш Господ му рече: „Стани, оди во Сарепта кај Сидон и остани таму. Јас ѝ заповедав таму на една жена вдовица да те храни.“ И стана тој, па отиде во Сарепта. Кога дојде кај градските порти, ете, таму една вдовица жена собира дрва. Тој ѝ се обрати и ѝ рече: „Донеси ми малку вода во сад да пијам!“ Таа отиде за да земе, а тој повика по неа и рече: „Донеси ми в раце и парче леб!“ Таа му одговори: „Ти се колнам во живиот Господ, нема ништо печено, туку имам само грст брашно во ноќвите и малку масло во масларникот; и, ете, јас ќе соберам две – три дрвца, ќе отидам и ќе го приготвам тоа за себе и за синот свој; ќе го изедеме тоа и ќе умреме.“ А Илија ѝ рече: „Не плаши се; оди и направи го она што го рече; но најнапред направи од тоа мала пресна питка за мене и донеси ми; а за себе и за синот свој ќе направиш после; зашто вака вели Господ, Бог Израелов: ‚брашното во ноќвите нема да сврши, и маслото во масларникот, нема да се намали до оној ден, во кој Господ ќе даде дожд на земјата.‘“ Таа отиде и направи така, како што ѝ рече Илија и таа се хранеше, и тој и синот нејзин извесно време. Брашното во ноќвите не се свршуваше, и маслото во масларникот не се намалуваше, според словото на Господ што Тој го изрече преку Илија.
Потоа се разболе синот на таа жена, на домаќинката, и болеста негова беше толку силна што не можеше да дише. Тогаш таа му рече на Илија: „Што имаш ти со мене, човеку Божји? Си дошол да ми ги наспомниш моите гревови и да го умреш синот мој.“ А тој ѝ одговори: „Дај ми го синот твој.“ И го зеде од рацете нејзини, го однесе во горната соба, каде што живееше и го положи на леглото свое; па повика кон Господ и рече: „Господи, Боже мој! Зар Ти на вдовицата, кај која живеам, ќе ѝ направиш зло, погубувајќи ѝ го синот нејзин?“ И откако се спружи трипати над момчето, извика кон Господ и рече: „Господи, Боже мој! Нека се врати душата на ова момче во него!“ И Господ го слушна гласот на Илија, му ја врати душата на момчето во него, и тоа оживе. Илија го зеде момчето, го симна од горната соба во домот, ѝ го предаде на мајка му и рече: „Еве, син ти е жив!“ Тогаш жената му рече на Илија: „Сега навистина дознав дека ти си Божји човек, и дека словото Господово во твојата уста е вистинско.“